БРУТАЛЕН НАПАД ВО ОХРИД Девојка претепана до бесвест и оставена на улица, уапсен 31-годишник
По расправија во ресторан, насилството наводно продолжило во автомобил, каде што девојката била тешко повредена.

Страшен случај на насилство врз девојка ја вознемири јавноста во Охрид. Млада жена завршила во болница со тешки повреди, откако, според пријавата во полицијата, била физички нападната од нејзиниот партнер, кој потоа ја оставил на улица пред маркет. За случајот е приведен 31-годишниот Х.К. од Охрид, против кого по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Според досегашните информации, девојката и осомничениот претходно биле заедно во ресторан, каде што дошло до расправија. По напуштањето на објектот, двајцата се упатиле со автомобил, а според пријавеното, физичкиот напад продолжил и во возилото. Девојката наводно била претепана до бесвест, по што осомничениот ја исфрлил од автомобилот и ја оставил на улица пред маркет.
Повредената била пронајдена кратко потоа и итно пренесена во болница, каде што била задржана на лекување поради сериозноста на повредите.
Од СВР Охрид информираат дека на 15 ноември 2026 година, во 05:05 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Х.К. (31) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека физички ја нападнал својата девојка.
„По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, соопштија од СВР Охрид.
Мотивот за нападот и сите околности под кои се случил случајот се предмет на понатамошна истрага.

