КАКВИ ТАЈНИ СЛУЖБИ, КАКВИ ПРИТИСОЦИ Ива Михаилова: Никој не ме принудувал, оставете ме на мира
По објавувањето на тајните снимки на бугарскиот новинар Станислав Цанов, во кои зборуваше за наводни притисоци од ДАНС, Михаилова сега тврди дека во Бугарија добива само помош и поддршка и порачува дека не сака повеќе да коментира.

Ива Михаилова, девојката од Кочани која замина во Бугарија и покрај судската забрана за напуштање на Македонија, се огласи на Фејсбук по објавувањето на тајно снимени разговори со бугарскиот новинар и јутјубер Станислав Цанов, во кои таа зборува за наводни притисоци од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС). Во својата објава, Михаилова ги демантира тврдењата дека некој во Бугарија ја принудувал на нешто, нагласувајќи дека таму добила помош, грижа и поддршка.
„Благодарам на сите што ми пишувате и се грижите за мене. Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Овде добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден“, напиша Михаилова.
Таа додава дека не сака да биде дел од политички расправии и дека повеќе нема да ја коментира оваа тема.
„За мене најважно во моментов е целосно да закрепнам. Се лекувам и правам сè што е во моја моќ за повторно нормално да можам да стојам на нозе. Ве молам, оставете ме на мира за да можам спокојно да се лекувам“, наведува Михаилова.
Нејзината реакција следува откако Цанов објави делови од тајно снимени разговори во кои Михаилова му раскажува дека е под притисок од бугарската ДАНС. Во разговорите, таа, меѓу другото, тврди дека не можела да гостува во емисијата на Цанов бидејќи, како што вели, од ДАНС ѝ било кажано да настапува само кај новинари кои се под нивна контрола.
Според нејзините наводи во разговорите, доколку не ги почитува тие инструкции, постои можност да ѝ го саботираат лекувањето, кое е скапо и комплицирано. Ива Михаилова се наоѓа во Бугарија, иако претходно имала судска забрана да ја напушта Македонија. Во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа на патот Штип – Кочани, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши.
РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА МИ ЗАВИСИ ОД ТАЈНАТА СЛУЖБА Реченицата што отвори политички скандал во Бугарија

