ЗА МАЛКУ ЌЕ СЕ СУДРЕА ДВА ПАТНИЧКИ АВИОНИ СО 500 ПАТНИЦИ Драмата над Лос Анџелес, контролорите викале по пилотите

Контролорот во последен момент издал итна наредба за промена на курсот, а FAA отвори истрага за инцидентот.

ЗА МАЛКУ ЌЕ СЕ СУДРЕА ДВА ПАТНИЧКИ АВИОНИ СО 500 ПАТНИЦИ Драмата над Лос Анџелес, контролорите викале по пилотите
Фото: Принтскрин

Два големи патнички авиони на „Ер Франс“ и „Американ ерлајнс“, со вкупно околу 500 патници, за малку избегнале опасен инцидент во воздух веднаш по полетувањето од меѓународниот аеродром во Лос Анџелес (LAX). Благодарение на итната реакција на контролорите на летање, било спречено потенцијално катастрофално приближување на двата авиона.

Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) потврди дека инцидентот се случил на 7 ноември, околу 00:20 часот по локално време.

Според достапните информации, авионот на „Ер Франс“, лет 28, кој полетал кон Папете на Тахити, од засега неутврдени причини отстапил од одобрената траекторија на летот и се нашол на патеката на авионот на „Американ ерлајнс“, кој во исто време полетал од паралелна писта.

Податоците од платформата Flightradar24 покажуваат дека во еден момент двата авиони биле оддалечени помалку од два километри. Опасноста ја забележал контролорот на летање, кој веднаш реагирал и преку радиоврска му наредил на екипажот на францускиот авион итно да го промени курсот.

„Ер Франс 028 Хеви, веднаш свртете се кон насоката 270. Сообраќајна тревога! Авионот е на 12 часот, на помалку од една милја. Одржувајте растојание од 2.000 стапки!“, се слуша во радио-комуникацијата. Откако непосредната опасност била надмината, контролата на летање побарала објаснување од пилотите и ги потсетила дека мора да ја следат стандардната процедура за заминување (SID), внесена во навигацискиот систем, наместо самостојно да ја менуваат траекторијата.

Пилотите се повикале на процедурата SUMMR TWO и побарале дополнително време, по што им било наложено по слетувањето да се пријават кај надлежните воздухопловни власти.

За сериозноста на ситуацијата сведочи и комуникацијата што следувала откако опасноста била избегната. Контролорот му се извинил на екипажот на „Американ ерлајнс“ поради ненадејното приближување на другиот авион.

„Се извинувам за ова. Тој авион штотуку сврте право пред вас“, рекол контролорот.

И покрај драматичните моменти веднаш по полетувањето, авионот на „Ер Франс“ го продолжил летот кон Тахити и безбедно слетал на крајната дестинација. Американските воздухопловни власти спроведуваат истрага за да утврдат зошто дошло до отстапување од одобрената патека и како двата авиони се нашле во толку опасна близина.

CATEGORIES
TAGS
Share This