БИТОЛА КАКВА ШТО РЕТКО СМЕ ЈА ВИДЕЛЕ Старите фотографии оживеаја во спектакл исполнет со музика и светлина

Во режија на Дејан Пројковски, „Полноќни приказни во Офицерската палата“ ги обедини музиката, театарот, танцот и светлосните ефекти во сценска посвета на градот.

БИТОЛА КАКВА ШТО РЕТКО СМЕ ЈА ВИДЕЛЕ Старите фотографии оживеаја во спектакл исполнет со музика и светлина
фото: Принтскрин

Минатото и сегашноста на Битола се сретнаа на сцената на Центарот за култура, каде старите фотографии од градските улици, куќи и жители оживеаја преку музика, актерска игра, танц, хор и впечатливи светлосни ефекти.

Претставата „Полноќни приказни во Офицерската палата“, во режија на Дејан Пројковски и продукција на КИЦ Битола, беше изведена на 4 ноември, како продолжение на свечената академија по доделувањето на четвртоноемвриските награди.

Музичкиот дел го носеа Оливер Јосифовски, Исмаил Љумановски, Алек Секуловски и Давор Јордановски, кои со своите различни музички изрази создадоа звучна приказна во дијалог со актерите, танчарите и хорот.

Актерите од Битолскиот театар преку говорениот збор ги оживеаја приказните за градот, додека танцот и хорските изведби ја надополнија сценската атмосфера.

Посебен впечаток остави визуелниот перформанс со светлосни снопови и проекции, преку кои фотографиите од стара Битола се испреплетуваа со современата сценска уметност. Градските фасади и ликови од минатото добија нова димензија во просторот исполнет со музика, движење и светлина.

Во режисерската поставка на Пројковски, сите уметнички елементи се обединија во приказна за Битола, нејзиното културно наследство и колективното сеќавање.

Со оваа изведба, празничната програма по повод Денот на ослободувањето на Битола доби впечатлива завршница, во која преку различни генерации и уметнички изрази беше испратена сценска посвета на градот.

CATEGORIES
Share This