МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО ДО СДСМ Ова е саботажа, директно удирате во темелите на државата

Премиерот бара Јавното обвинителство да ги провери обвинувањата за фингирање на јавниот долг и порачува дека економските резултати на Владата се потврдени од меѓународните партнери.

МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО ДО СДСМ Ова е саботажа, директно удирате во темелите на државата
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на обвинувањата на опозициската СДСМ дека Владата го фингира јавниот долг, оценувајќи дека станува збор за сериозни обвинувања кои ја надминуваат рамката на дневната политика и директно ги засегаат темелите на државата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски порача дека Јавното обвинителство треба да се занимава со, како што го нарече, кривичното дело саботажа.

Тој оцени дека со ваквите обвинувања СДСМ не ја напаѓа само Владата, туку индиректно ги доведува во прашање и проценките на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои ги ревидирале своите прогнози за македонската економија за 2026 година.

„Ова што го зборуваат не е само дневна политика. Ова е многу подлабоко од тоа и навлегува во темелите на државата“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека опозицијата нема кредибилитет кај граѓаните и дека нејзините обвинувања, наместо поддршка, наидуваат на одбивање.

Мицкоски ги повика граѓаните да бидат спокојни, нагласувајќи дека Владата знае во која насока ја води државата и дека економските резултати се препознаени и од меѓународните партнери.

„Затоа повторно ќе се обратам до граѓаните, да бидат спокојни, точно знаеме што правиме и каде ја водиме државата, а резултатите се препознаени од сите наши партнери“, порача премиерот.

CATEGORIES
Share This