ФИЛИПЧЕ ЖЕСТОКО ПО ВЛАСТА СО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК Мафија владее со земјата, сè оди надолу

Лидерот на СДСМ Венко Филипче го обвини владејачкото мнозинство за заробено судство, притисоци врз медиумите и недоволна борба против корупцијата.

ФИЛИПЧЕ ЖЕСТОКО ПО ВЛАСТА СО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК Мафија владее со земјата, сè оди надолу
Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро го критикуваше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2026 година, оценувајќи дека состојбите во повеќе клучни области се влошуваат.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче посочи на отсуство на напредок во борбата против корупцијата, слободата на изразување и јавните набавки, како и на проблемите со независноста и финансирањето на судството.

„Сè полошо е. Нула напредок против корупција, слобода на изразување и јавните набавки. Судство под политичка опсада и без пари. 40 тужби против новинари, тројно повеќе од лани. Медиумите под притисок. Земјоделство пред колапс“, напиша Филипче.

Филипче упати директни обвинувања кон власта, тврдејќи дека судството е под политичко влијание, а медиумскиот простор е задушен.

„Власта го зароби судството, го задуши медиумскиот простор и ја остави корупцијата недопрена. Сè оди надолу. Како да биде кога мафија владее со земјата?“, порача лидерот на СДСМ.

Во Извештајот за 2026 година, Европската комисија констатира дека нема напредок во борбата против корупцијата и во областа на слободата на изразување. Се посочува и дека независноста на судството и натаму е поткопана од мешање на другите гранки на власта и недостиг од ресурси. Истовремено, Европската комисија забележува значителен напредок во спроведувањето на Реформската агенда.

Сепак, во извештајот се наведува дека не биле направени обиди за усвојување на уставните измени, кои остануваат услов за понатамошен напредок на Македонија во евроинтегративниот процес.

CATEGORIES
Share This