ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА НА МОБИЛЕН, БЕЗ ОТКРИВАЊЕ НА СИТЕ ПОДАТОЦИ Еве што носи новиот електронски паричник
Нема да мора да ги откривате сите лични податоци кога се легитимирате во банка или локал – сами ќе избирате што споделувате, а QR-кодот ќе важи само 10 до 15 секунди.

Граѓаните наскоро ќе можат да ги имаат личната карта и возачката дозвола на својот мобилен телефон. Официјалната промоција на електронскиот паричник е најавена за среда, 28 октомври, а неговата примена треба да започне во четврток. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски уверува дека станува збор за безбедна апликација што ќе им овозможи на граѓаните поголема контрола врз личните податоци што ги споделуваат.
„Корисниците нема да мора да ги откриваат сите свои податоци, како што тоа го правиме сега кога ги покажуваме пластичните лични карти или возачките дозволи“, објасни Андоновски.
Тој посочи дека, на пример, при легитимирање во банка, бар или друг локал, граѓаните ќе можат сами да изберат кои податоци од личната карта ќе ги споделат, наместо да ги откриваат сите информации што ги содржи документот.
Податоците ќе се споделуваат преку QR-код за еднократна употреба. Откако ќе се генерира и скенира кодот, другото лице ќе може да ги добие податоците само со дозвола на корисникот. По 10 до 15 секунди, кодот истекува и не може повторно да се употреби.
„Многу внимание посветивме на безбедноста“, нагласи министерот.
Андоновски објасни дека воведувањето на електронскиот паричник е почеток на поширок процес на дигитализација, кој треба да води кон европскиот дигитален паричник и поширока достапност на документите во електронска форма.
„Ова е одличен почеток затоа што основните податоци од личната карта и возачката дозвола ќе им бидат достапни на граѓаните. Се надевам дека паралелно со развојот на мобилниот паричник, ќе додаваме и нови услуги, можности и документи за граѓаните“, изјави Андоновски.
Тој го најави ова пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор.

