912 СТИХА ДО КНИЖЕВНАТА СЛАВА Распишан конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година

Најдобрата поема ќе биде наградена, а признанието ќе биде доделено на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ во февруари.

912 СТИХА ДО КНИЖЕВНАТА СЛАВА Распишан конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2026 година
Фото: Принтскрин

Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид го распиша конкурсот за избор на најдобра поема за 2026 година, посветен на ликот и делото на големиот охридски поет и преродбеник Григор Прличев.

Конкурсот претставува можност за афирмација на современото поетско творештво, а заинтересираните автори ќе можат да ги достават своите необјавени дела најдоцна до 21 ноември 2026 година. Темата е слободна, но поемите мора да исполнуваат прецизно утврдени услови.

Според пропозициите, делото треба да содржи најмалку 912 стиха, при што секој педесетти стих мора да биде нумериран. Поемата треба да биде напишана со фонт со големина од најмалку 11, испечатена еднострано на листови со формат А4 и доставена во четири идентични примероци, означени со шифра.

Секој автор може да учествува со само една поема, додека коавторските дела нема да бидат прифатени. Конкурсот се спроведува анонимно, а за најуспешното дело е предвидена парична награда.

За изборот на лауреатот ќе одлучува тричлено жири составено од реномирани автори од Северна Македонија, согласно утврдените критериуми и постапката за избор на најдобрата поема.

Пријавите треба да се достават до НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, на адресата ул. „Македонски просветители“ бр. 4, 6000 Охрид, со назнака: „Пријава за избор на најдобра поема ‘Григор Прличев’ за 2026 година“.

Делата што ќе пристигнат по истекот на рокот или нема да ги исполнуваат условите нема да бидат земени предвид. Авторите што поднеле уредни пријави ќе бидат известени за резултатите од изборот.

Доделувањето на наградата ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“, која традиционално се организира на почетокот на февруари, во чест на годишнината од смртта на Григор Прличев.

Со конкурсот, Охрид продолжува да го негува книжевното наследство на еден од најзначајните македонски поети и да го поттикнува создавањето нови поетски дела што ќе го продолжат духот на македонската книжевна традиција.

CATEGORIES
Share This