НОВ СУДИР ВО МЕДИТЕРАНОТ – ЕУ и Египет го отфрлија договорот на Турција и Либија

Брисел остро реагира на ратификацијата на меморандумот за поморските граници во Средоземното Море, тврдејќи дека ги нарушува суверените права на трети земји и е спротивен на меѓународното морско право. Каиро исто така го отфрли договорот.

НОВ СУДИР ВО МЕДИТЕРАНОТ – ЕУ и Египет го отфрлија договорот на Турција и Либија
Фото: Принтскрин

Европската Унија изрази длабоко жалење поради ратификацијата на Меморандумот за разбирање од 2019 година меѓу Турција и Либија за разграничување на поморските јурисдикции во Средоземното Море. Документот беше ратификуван од Претставничкиот дом на Либија, соопшти денеска ЕУ.

Брисел го повтори својот став дека меморандумот ги нарушува суверените права на трети земји и не е во согласност со меѓународното морско право.

„Меморандумот за разбирање меѓу Турција и Либија ги нарушува суверените права на трети земји и не е во согласност со морското право. Тој е ништовен и не може да произведе никакви правни последици за трети земји“, се наведува во соопштението на ЕУ, во кое се потсетува и на заклучоците на Европскиот совет од декември 2019 година и јуни 2025 година.

Унијата нагласува дека нејзин стратешки интерес е да обезбеди стабилна и безбедна средина во Источниот Медитеран. Истовремено, ги повика сите земји да ги почитуваат суверените права на земјите-членки, во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право, вклучително и Конвенцијата на Обединетите нации за морското право.

Реакција пристигна и од Египет. Министерството за надворешни работи на земјата го отфрли договорот за поморските граници, наведувајќи дека ратификацијата од либискиот парламент во Бенгази нема да има никакви правни последици за Каиро.

„Египет повторува дека овој меморандум е ништовен и нема правно дејство“, се наведува во соопштението на египетското Министерство за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“.

Претходно, против меморандумот се изјаснија и Грција, Кипар и Израел, кои, заедно со Европската Унија, го оспоруваат неговиот правен и политички опсег.

Ратификацијата повторно ги отвора споровите околу поморските граници и суверените права во Источниот Медитеран, регион од големо геополитичко и стратешко значење.

CATEGORIES
Share This