ДПР СО ЈАСНА ПОРАКА ПО ПОВОД ИЗВЕШТАЈОТ НА РОМАЛИТИКО Време е ветувањата за Ромите да станат реалност
ДПР го поздравува напредокот во инклузијата на Ромите, но бара доследно спроведување на преземените обврски и конкретни резултати во образованието, вработувањето, здравството и домувањето.

Демократската партија на Ромите (ДПР) го поздравува денешното презентирање на Извештајот во сенка за инклузијата на Ромите за периодот од март 2025 до март 2026 година, изготвен од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“. ДПР ги поддржува сите политики, мерки и активности што придонесуваат за унапредување на положбата, заштитата на правата и подобрувањето на квалитетот на животот на Ромите во Македонија.
Охрабруваат позитивните поместувања констатирани во извештајот, особено во областа на образованието, како и напорите за поголема инклузија на Ромите. Сметаме дека секој чекор напред во остварувањето на еднаквите можности, подобрувањето на пристапот до образование и зголемувањето на учеството на Ромите во општествените процеси заслужува поддршка и признание.
ДПР изразува надеж дека позитивните наоди и мерките наведени во извештајот нема да останат само на хартија, туку ќе бидат доследно спроведени во практиката и ќе донесат конкретни и видливи резултати за ромската заедница. Особено е важно предвидените буџетски средства да се искористуваат навремено и целосно, а преземените обврски во областите на образованието, вработувањето, домувањето и здравството да се преточат во реални подобрувања на секојдневниот живот на Ромите.
Истовремено, укажувањата за областите во кои сè уште има застој или назадување треба да се сфатат како сериозен поттик за подобра координација, поголема одговорност и поефикасно дејствување на надлежните институции. Особено е важно спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година да не остане само декларативна заложба, туку да резултира со мерливи и одржливи промени.
Демократската партија на Ромите останува доследна на својата определба да ги поддржува сите иницијативи што се во интерес на Ромите, да се залага за заштита и унапредување на нивните права и да придонесува кон изградба на општество во кое сите граѓани имаат еднакви можности, достоинствен живот и еднаков пристап до правата и услугите.
Веруваме дека успехот на политиките за инклузија треба да се оценува според конкретните резултати, намалувањето на нееднаквоста и подобрувањето на животниот стандард на Ромите. Затоа, ДПР очекува позитивните трендови утврдени во извештајот да продолжат, а констатираните недостатоци да бидат надминати преку конкретни мерки, поголема институционална одговорност и континуирана посветеност.
Демократската партија на Ромите ќе продолжи да ги поддржува сите решенија што носат вистински напредок за ромската заедница и доследно ќе се залага за целосно остварување на правата и обезбедување еднакви можности за Ромите во општеството.
85 НОВИ МОЖНОСТИ ЗА РОМИТЕ – ДПР ги повика сите да аплицираат

