Обдукција на високото образование
Последното нешто кое следува е да се спроведе обдукција на системот на високото образование со новите предложени закони.

Не постои посоодветен наслов на мојата колумна во контекст на актуелната министерка за образование и наука, која долги години работеше во Институтот за патологија и верувам дека успешно ја извршувала својата работа низ годините па се до нејзино пензионирање пред многу години.
Состојбите во високото образоавние од времете кога заедно со сегашната министерка, а во тој период патолог не се променија во вистинско светло. После две години од раководење со министерството, јас не сум убеден дека работите во областа на високото образование тргнаа по реформски пат, онака како што ја убедувавме јавноста во периодот кога бевме опозиција. Се сеќавам дека многу новинари и ТВ куќи редовно ги пренесуваат моите изјави и колумни. Поради обзнанувањето на случаи на висока корупција, сурови злоупотреби во секторот на високото образование, јавните критики во тој период бев изложен на сериозни закани, притисоци на работно место, многу чуден упад во мојот стан од сторители кои до ден денешен не се откриени итн. мојата борба за реформа ја продолжив и после 2024 година! За мене не постојат граници односно самото небото е граница!
А што се случуваше практично откога познатата патолог пензионерка седна во удобната министерска фотелја?
Кадрите на ДУИ продолжија со окупацијата на секторот за високото образование. Тие раководители за кои јас и тогаш опозиционерката, а сега министерка ги критикувавме, денес се луѓе од доверба кај неа и наводно се многу големи „професионалци“. Па зошто тогаш ги критикувавме со докази во периодот до 2024 година? Некој е лицемер очигледно. Од морално етички аспект, беше овие функционери на ДУИ да си заминат и да се создаде тим кој ќе ја спроведе радикалната реформа на високото образование. Но тоа не се случи, секако на огромно задоволство на министерката, државната секретарка Елена Ивановска и пуленот…, за кого од извори од МОН дознав дека веќе не е омилен на министерскиот кабинет (човек многу блиску соработуваше со мене и тоа како вистински пријател).
Се случи да постои Национален координатор за реформа на високото образование, која многу ретко беше видена заедно со министерката, веројaтно заради суетата на двете персони. Но, ова тело е вештачко ткиво кое е зрело за обдукција како прва линија на реформата.
Се случи за државен секретар да се назначи Елена Ивановска, која исто така според моите оценки нема некој позитивен јавен ефект во однос на функцијата која ја извршува. Таа барем е назначена како дел од министерството и добро знае кој е кој таму.
Се случи да се формира работна група од „60 професори“ за реформа на законите за високото образование. Нив само министерката ги знае. На јавната трибина во МАНУ на наше барање да се даде список за овие професори тоа не се случи за што посебно се погрижи професорката Гордана Лажетиќ која рече дека тоа не е потребно и толку. За 20 минути министеерката го напушти МАНУ затоа што не ја оствари својата цел.
Се случи Одборот за акредитација да го раководи Марјан Ѓуровски кој трча по функции како врвен спортист и тоа во секоја влада. А добар е и за оваа.
Се случи Одбор за евалуација во кој поединци не заслужуваат да бидат членови, а се поставени од претходната влада. Времето ќе покаже колку тие незаконски работат. За потсетување таму е и проф. Христина Спасевска која после неуспешниот обид за ректор се укотви во ова пристаниште. И таа е желна за функции според мене. Во времето на СДСМ исто беше во Одборот за акредитација, а пред падот на СДСМ се вгнезди во Одборот за евалуација. Нејзината сестра да не се заборави беше директор на царината во времето на СДСМ, а од таму експресно испратена во дипломатија. Зарем ова е нормално? Министерке, за секој од нив имате основа да побарате да се разрешат кога веќе тие не си поднесуваат оставка.
Се случија смешни системски закони за високото образование. Целата јавност се јави. Критики од сите страни. Но, никој не ги слуша. Сега се правеле обиди за албанские партии во опозиција да им се удоволат барања и тие за возврат да гласаат за законите. Смешно. Дури тогаш ќе се дигнат на нозе професорите кои со овие закони ја губат својата академска, финансиска и секој друг вид на слобода. И молкот е пострашен од јавна критика.
Се случи на пример, на Филозофскиот факултет во Скопје да се поништат дипломи, а за тоа да нема никаква одговорност од деканите и другите лица. Добро е што Управниот суд ги поништи решенијата на министерката. Но, таа за оваа дејност можеби ќе одговара еден ден. Само нека продолжи да ги слуша полжавите околу неа.
Се случија фалби дека се затворени приватни институти. „Голем успех и гордост на министерката“. Негативна промоција која не носи добро на никој. Сега кога ќе почнат да остануваат професори и асистенти без работа ќе биде интересно. Кога сме кај институтите да ја прашам министерката: како е можно решенијата за акредитација на студиски програми за прв циклус студии Одборот за акредитација со години ги донесува на име на Филозофскиот факултет, а не на име на институтите? Како е можно тоа? Па нели соглсно законот на институтите може да се изведува настава само на прв циклус на студии? Министерке погледнете ги решенијата за ова ги има на веб страницата на Институтот за мировни студии. Таму стои дека носител на студиската програма е Филозофски факултет, а како е можно наставата да ја изведува Институтот кога тој не фигурира на решението на Одборот за акредитација? Ова е подрачје каде треба да се спроведе најголемата реформа. Инаку, додипломски студии би имало и на Институтот за социолошки и политички истражувања…Ова се небулози за кои не се најде место во новите закони. Ама министерството се фали и се фали дека многу радикална реформа се спроведува.
Се случи дискриминација кон бројни факултети. Ги охрабрувам сите високообразовни установи да поднесат претставки до надлежните тела. Само на тој начин ќе ставиме стоп на дискриминацијата.
Последното нешто кое следува е да се спроведе обдукција на системот на високото образование со новите предложени закони. За тоа треба вистински патолог. Медицински да се изразам иако поентата ми е сосема поинаква. Спас од овие лоши состојби не гледам. Она што се гледа е огромно разочарување и барањето да се стават розеви очила и во јавноста да се зборува се’ најубаво и кога не боли главата за оваа наша Македонија.

