ЧАД И НЕПРИЈАТНА МИРИЗБА ЈА ЗАФАТИЈА ОКОЛИНАТА НА СТРУМИЦА Екипите се борат со пожарот на депонијата

Пожарникарите повторно се на терен, а за денеска се најавени активности за расчистување и потрупување на депонијата во Еднокуќево со механизација.

ЧАД И НЕПРИЈАТНА МИРИЗБА ЈА ЗАФАТИЈА ОКОЛИНАТА НА СТРУМИЦА Екипите се борат со пожарот на депонијата
Фото: Принтскрин

Пожарот на депонијата во селото Еднокуќево предизвика ширење чад и непријатна миризба во околината на Струмица, информираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица.

Пожарникарските екипи вчера интервенирале двапати, во попладневните и ноќните часови, а денеска уште од раните утрински часови повторно се на терен со цел локализирање и целосно гаснење на пожарот.

Според информациите од градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, во текот на денот се очекува да започнат активности за расчистување и потрупување на депонијата со соодветна механизација. Целта е да се помогне во справувањето со пожарот и да се спречи негово повторно разгорување.

Од ТППЕ Струмица предупредуваат дека пожарите на депониите претставуваат сериозен проблем не само поради опасноста од ширење на огнот, туку и поради загадувањето на воздухот. Чадот и непријатната миризба можат да се шират и до околните населени места.

Пожарникарите посочуваат дека дури и кога видливиот пламен ќе биде изгаснат, во длабочината на отпадот може да продолжи тлеењето, што создава ризик од повторно активирање на пожарот и потреба од дополнителни, долготрајни интервенции.

Од противпожарната единица апелираат за одговорно однесување и поголема грижа за животната средина.

CATEGORIES
Share This