КОГА МАШИНИТЕ ЌЕ ВЛЕЗАТ ВО СЛИКИТЕ Необична изложба ќе ја изненади прилепската публика
Уметникот Сашо Ацковски преку изложбата „Конгломерати“ создава нов свет во кој човечката креативност и електронските компоненти се спојуваат во единствена целина.

Во четврток, на 22 октомври, со почеток во 19 часот, во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Конгломерати“ на ликовниот уметник Сашо Ацковски.
Изложбата опфаќа околу 25 уметнички дела изработени во акрилна техника на платно, збогатени со колажирани електронски компоненти. Преку оваа необична комбинација, авторот создава визуелен спој меѓу традиционалното сликарство и современата технологија.
Самото име „Конгломерати“ ја отсликува суштината на проектот организирано поврзување на различни елементи во единствена целина. Од една страна се апстрактните форми создадени од човечката рака, а од друга индустриските електронски делови произведени со помош на машини.
Иако различни по своето потекло и природа, овие елементи се испреплетуваат и создаваат нова визуелна реалност, која симболично го претставува современото општество.
Преку своите дела, Ацковски ја истражува тенката граница меѓу хармонијата и хаосот. Неговата уметничка порака е дека спротивностите можат успешно да функционираат само доколку меѓу нив постои рамнотежа. Кога таа ќе се наруши, новосоздадената целина се соочува со хаос.
Централната идеја на изложбата е да ја поттикне публиката критички да размислува за сè поголемото присуство на технологијата во секојдневниот живот.
Авторот укажува на потребата техниката и технологијата да се користат контролирано, како алатки што го олеснуваат човековото функционирање, наместо да станат замена за вистинските човечки односи.
Преку овој уметнички проект се испраќа порака за враќање кон непосредната комуникација, социјалните интеракции, природата и хармонијата.
За авторот
Сашо Ацковски е роден во 1972 година во Скопје. Дипломирал во 2012 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот сликарство, насока конзервација и реставрација, во класата на професорот Благоја Маневски. Претходно студирал во класите на професорите Вело Ташовски и Свето Манев.
Во текот на своето уметничко образование учествувал на повеќе факултетски и групни изложби, меѓу кои и оние организирани од КОРА и Арт студио ЛИНЕА.
Бил дел и од проектот „Односот помеѓу уметникот, институциите и публиката“, реализиран во рамките на групата ТРИАНГЛ, под водство на професорката Сузана Милевска.
Значаен дел од неговото творештво е посветен на црковното сликарство. Во изминатата деценија работел на живописување повеќе православни храмови во Македонија и во странство, меѓу кои „Св. Лука“ во Кисела Вода, „Св. Христово Вознесение“ во Драчево, „Света Троица“ во Долно Лисиче, „Раѓање на Св. Јован Крстител“ во Бутел, „Св. Наум“ во Малме, Шведска, „Св. Климент“ во Сопје и „Св. Илија“ во Аеродром.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 2012 година, а зад себе има повеќе самостојни изложби.

