РСБСП СО НОВА КАМПАЊА Пред да седнат зад воланот, младите ќе учат за ризиците

„Учам – Полагам – Возам“ е наменета за средношколците од трета и четврта година, со цел навреме да ги запознае со правилата, опасностите и одговорноста што ја носи возачката дозвола.

РСБСП СО НОВА КАМПАЊА Пред да седнат зад воланот, младите ќе учат за ризиците
Фото: Принтскрн

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнува со едукативната кампања „Учам – Полагам – Возам“, насочена кон учениците од трета и четврта година во средните училишта, кои се подготвуваат да полагаат за возачка дозвола. Целта е младите навреме да се запознаат со условите за стекнување возачка дозвола, но и со одговорностите што ги носи управувањето со моторно возило.

Од РСБСП посочуваат дека возачката дозвола носи поголема самостојност и мобилност, но и обврска за почитување на сообраќајните правила, препознавање опасности и заштита на сопствениот живот и животот на другите учесници во сообраќајот. Особено кај младите возачи, искуството се стекнува со време, поради што почетокот зад воланот бара дополнителна внимателност, одговорно однесување и избегнување ризици.

РСБСП предупредува дека сериозните сообраќајни прекршоци често започнуваат со навидум мали грешки – пребрзо возење, користење телефон зад воланот, непочитување сообраќајни знаци или некористење сигурносен појас. Посебен ризик претставува и управувањето со возило по консумирање алкохол.

Пораката на кампањата е дека знаењето за управување со автомобил не е доволно – неопходни се концентрација, почитување на правилата и свесност за последиците од неодговорното возење.

Со оваа иницијатива, Советот продолжува со едукативните и превентивните активности насочени кон младите, нагласувајќи дека навремената подготовка може да придонесе за побезбеден сообраќај.

„Учи за да знаеш. Положи за да можеш. Возѝ за да стигнеш безбедно“, порачуваат од РСБСП, со повик до младите да возат одговорно, бидејќи секој живот е важен.

CATEGORIES
Share This