ВОНЗЕМЈАНИ ВО МНТ Комедија што ги открива слабостите на општеството

Претставата во режија на Васил Михаил, по текст на Игор Кузмановски, утревечер во 20 часот ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар.

ВОНЗЕМЈАНИ ВО МНТ Комедија што ги открива слабостите на општеството
Фото: Принтскрин

Претставата „Вонземјани“, во режија на Васил Михаил и по текст на Игор Кузмановски, утревечер во 20 часот ќе се игра во Македонскиот народен театар (МНТ). Копродукцијата на продукцијата „Мана“ и МНТ досега имаше изведби во рамки на „Скопско лето“ и на фестивалот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.

Авторот Игор Кузмановски вели дека основната идеја на текстот произлегла од прашањето дали губењето на љубовта, солидарноста и сочувството значи и губење на човечките особини. Преку комедија, тој сака публиката да се насмее, но и да размисли за насоката во која се движи општеството.

Режисерот Михаил ја опишува претставата како невообичаена комедија во која се испреплетуваат различни комични стилови, сатира и гротеска. Тој најави дека претставата ќе биде дел од репертоарот на МНТ, со планови за гостувања низ земјава и учества на фестивали.

Во претставата играат Нино Леви, Димитрина Мицкоска, Марија Новак, Наум Георгиевски и Димитар Паскоски. За Леви, проектот има и лично значење бидејќи со него одбележува 40 години професионална актерска дејност.

Актерката Марија Новак посочи дека преку приказната за петчлено семејство се прикажуваат пошироките слабости на општеството и нивното влијание врз семејните односи. Димитрина Мицкоска, пак, нагласи дека е особено горда што работи на текст од македонски автор, кој сериозните теми ги обработува со хумор.

Михаил истакна дека претставата е реализирана со ограничени финансиски средства, со поддршка од Министерството за култура и туризам и МНТ, упатувајќи апел за поголема поддршка на ваквите уметнички проекти.

Костимографијата е на Благој Мицевски, сценографијата на Дарко Дуковски, а тонската обработка на „Оскар продукција“.

CATEGORIES
Share This