ТОТИ СЕ СКРШИ И ЈА ОТВОРИ ДУШАТА Сакам повторно да бидеме семејство

Легендата на Рома проговори за нарушениот однос со трите деца по разводот со Илари Блази, загубата на татко му и тешката празнина по завршувањето на кариерата.

ТОТИ СЕ СКРШИ И ЈА ОТВОРИ ДУШАТА Сакам повторно да бидеме семејство
Фото: Принтскрин

Франческо Тоти ги отвори најболните страници од својот живот. Легендарниот капитен на Рома, кој со години беше симбол на верноста кон римскиот клуб, во својата нова автобиографија „Олтре“ проговори за личните кризи, загубата на татко му и нарушените семејни односи по разводот со Илари Блази.

На промоцијата на книгата во театарот „Бранкачио“ во Рим, Тоти не успеал да ги сокрие емоциите кога зборувал за најтешките моменти од приватниот живот. Според италијанските медиуми, особено емотивен бил делот посветен на смртта на неговиот татко и оддалечувањето од трите деца.

Насловот „Олтре“, што во превод значи „понатаму“ или „од другата страна“, ја симболизира неговата желба да го остави минатото зад себе и да започне ново поглавје, без да ги премолчува вистините што долго ги чувал за себе.

Еден од најемотивните делови од неговото сведоштво се однесува на односот со децата по разводот со Илари Блази. Тоти отворено признава дека семејните односи се далеку од идеални, но се надева дека со текот на времето ќе дојде до помирување.

„Јас сум татко, а таткото заслужува почит. Тие не знаат, или можеби се преправаат дека не знаат колку многу ги сакам и почитувам. Во исто време, би сакал и тие да возвратат на ист начин. Всушност, јас не направив ништо лошо. Бев распнат поради разводот, што е разбирливо, и нашиот однос во моментов е далеку од идиличен. Сепак, се надевам дека како што ќе растат, ќе сфатат каде лежи вистината“, изјавил Тоти.

Поранешниот италијански репрезентативец не ги крие разочарувањето и желбата односите со децата повторно да се подобрат. Тој смета дека со текот на времето се наталожиле тензии и конфликти што дополнително ги оддалечиле.

„Имаше тензии, конфликти и сè поголема оддалеченост, работи што не ги прифаќав, иако се преправав дека ги прифаќам. Важно е да се вратиме на она како што беше порано. Сакам да им посветам повеќе време, исто како што и тие треба да ми посветат мене, за повторно да бидеме семејство. Што е направено, направено е. Не можеме да го вратиме времето назад“, порача Тоти.

Во интервју за „Кориере дела Сера“, Тоти зборувал и за периодот по завршувањето на професионалната кариера, кога морал да се соочи со живот без фудбалот што со децении бил центар на неговото секојдневие. Пензионирањето му донело чувство на празнина и губење на животниот ритам, а во еден момент, како што самиот признава, бил на работ на депресија.

„Фудбалерите се навикнати на строг режим и јасен ритам на живот. Одеднаш се појави целосна празнина. Се чувствував сам среде океан, а отсуството на фудбалот ме задушуваше“, раскажал поранешниот капитен на Рома.

Смртта на татко му дополнително ја продлабочила кризата, оставајќи длабока трага во периодот кога се обидувал да се приспособи на животот надвор од теренот.

И покрај тешките моменти, Тоти останува цврсто поврзан со клубот во кој ја изгради својата легенда. Тој откри дека по завршувањето на кариерата имал понуди од Џенова и Комо, но ги одбил поради верноста кон Рома. Не жали ниту што во 2004 година не прифатил да се пресели во Реал Мадрид. Иако признава дека во шпанскиот гигант можел да освои многу трофеи, па дури и „Златната топка“, останува приврзан за одлуката да го помине најголемиот дел од кариерата во Рим.

Тоти не ја исклучува можноста повторно да се врати во Рома, но не сака да биде само симболично лице на клубот. Неговата желба е да добие активна улога во спортскиот проект и реална можност да придонесе за иднината на тимот.

Тоти и Илари Блази се разделија по 17 години брак, во период обележан со меѓусебни обвинувања за неверство и нарушени семејни односи. По разводот, двајцата продолжија со нови партнери, а нивниот приватен живот остана во фокусот на италијанските медиуми. Во „Олтре“, Тоти се обидува да ја раскаже својата страна од приказната и да објасни како личните турбуленции влијаеле врз него и врз семејството.

За човек кој со години беше навикнат да победува пред преполните трибини и да го носи товарот на капитенската лента, најтешката борба очигледно не се водела на фудбалскиот терен. Сега, наместо нови трофеи, неговата најголема желба е да ги обнови семејните врски и да го најде патот кон помирен живот.

CATEGORIES
Share This