РАДЕ СИЛЈАН СО НОВА КНИГА 40 години критичко следење на македонската поезија

„Поетски облици на времето“ обединува критички огледи за 30 поети и го проследува развојот на македонската поезија од средновековието до XXI век.

РАДЕ СИЛЈАН СО НОВА КНИГА 40 години критичко следење на македонската поезија
Фото: Принтскрин

По повод 40 години од објавувањето на „Пронајден облик“ (1986), првата книга со критики и есеи на Раде Силјан, излезе од печат неговото ново дело „Поетски облици на времето“, во издание на „Матица македонска“.

Јубилејот е повод повторно да се истакне повеќедеценискиот придонес на Силјан во македонската книжевност и култура, особено во вреднувањето на книжевното творештво, толкувањето на авторските опуси и поврзувањето на различни генерации писатели.

Новата книга претставува продолжение на таа критичарска работа. Таа содржи огледи за творештвото на 30 поети, надополнети со осврти кон постарото книжевно наследство. Во шест тематски и книжевноисториски целини, Силјан го следи развојот на македонската поезија – од средновековното слово и Преродбата, преку илинденскиот период, револуционерната и социјалната песна, до основоположниците на современата поезија, модернизмот и поетските остварувања во првите децении на XXI век.

Меѓу поетите чие творештво е предмет на анализите се Константин Миладинов, Григор Прличев, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски и Радован Павловски. Во книгата се застапени и огледи за Михаил Ренџов, Светлана Христова-Јоциќ, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Ристо Лазаров, Катица Ќулавкова, Славе Ѓорѓо Димоски и други автори.

Посебна вредност на изданието е новото критичко читање на поетските опуси. Силјан повторно ги разгледува претходно изнесените аргументи и оценки, ги продлабочува толкувањата и ги зема предвид подоцнежните творечки достигнувања. Кај авторите со заокружено творештво ја анализира целината на нивниот опус, додека кај активните поети ги следи новите книги и промените во нивната поетика.

На тој начин, искуството акумулирано низ децениите се поврзува со современата книжевна критика и со новите текови во македонската поезија.

„И натаму верувам дека секоја вистинска песна, без оглед на времето во кое е напишана, носи во себе искра што може да го осветли и времето што доаѓа“, пишува Раде Силјан во предговорот „Меѓу песната и времето“.

Уредник на книгата и автор на поговорот „Мерата на времето, обликот на вредноста“ е Иван Антоновски. Во поговорот тој го разгледува критичарскиот и антологичарскиот опус на Силјан, неговите вредносни критериуми и придонесот во афирмацијата на македонското книжевно творештво.

CATEGORIES
Share This