ПОПРАВКИТЕ ГИ ПОВРЗУВААТ ЛУЃЕТО Одбележана десетгодишнината од Светскиот ден на поправки во Скопје
Ова е трета година како АРНО го одбележува Светскиот ден на поправки во Македонија, надоврзувајќи се на претходните успешни акции од собирање и поправање играчки донирани на семејства со помалку можности од Општина Кисела Вода, до минатогодишните едукативни кампањи посветени на софтверското застарување и грижата за дигиталните уреди.

Здружението АРНО, во соработка со Општина Кисела Вода, МАТА (Македонска Артизанска Трговска Асоцијација) и Домот за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, вчера го одбележа Светскиот ден на поправки – по трет пат во Македонија и по повод 10-годишнината од глобалната иницијатива. Настанот се одржа под овогодишното мото „Поправките ги поврзуваат луѓето“ и беше проследен со заеднички обраќања и две работилници за поправки.
„Вклучувањето на постарите лица не е само хуман гест — тоа е зачувување на знаење и мудрост. Затоа денес АРНО потпиша меморандуми за соработка со МАТА и со Домот за стари лица ‘Мајка Тереза’. Денес исто така најавуваме нови активности преку ИПА проект во рамки на кој ќе се учат вештини за поправки овде во „Ништо ново“, но ќе има и доста застапување, промовирање на македонски зелени бизниси и кампањи — за да покажеме дека поправките не се само прашање на лична еколошка свест, туку системска промена која е дел од европското законодавство“, изјави Ирина Јаневска од АРНО.
Како долгогодишен партнер и поддржувач на центарот, од Општина Кисела Вода нагласија дека ваквите иницијативи се клучни за заедницата:
„Поправките не претставуваат само начин за продолжување на векот на предметите — тие ги спојуваат генерациите и овозможуваат вредна размена на искуства. Општина Кисела Вода продолжува да биде стабилен партнер, градејќи простор за креативност, едукација и меѓугенерациско поврзување. Нека овој јубилеј биде потсетник дека поправањето е одговорен чин: грижа за предметите, грижа за природата и, пред сè, грижа едни за други“, изјави Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалничка на Општина Кисела Вода.
Фокусот кон меѓугенерациското учење и меките вештини го надополнија и од МАТА:
„Денес МАТА е овде да го претстави проектот „Со рачни изработки до личен развој: Развој на меки вештини преку одржлива мода“ (Craft2grow), финансиран од Европската Унија преку Еразмус+ програмата. Проектот е директно поврзан со развој на меките вештини како ефективна комуникација, тимска работа, емоционална интелигенција и емпатија, и решавање на проблеми преку одржлива мода. Развивме прекрасни алатки кои се достапни на оваа платформа и секој може да ги користи. Се радуваме што ќе соработуваме со АРНО и што знаењето ќе се пренесува и понатаму“, изјави Катерина Златановска Попова од МАТА.
„Нашите корисници силно веруваат во идејата и мотото на Светскиот ден на поправки — ‘Поправи, не фрлај’ — бидејќи тоа секојдневно го живееме во нашиот Дом. Домот за стари лица „Мајка Тереза“ датира од 1964 година, а ние сме горди што нашиот мебел, инвентар и дел од опремата, и по толку години, се сочувани и функционални. Дел од нашите корисници знаат и умеат да поправат работи со сопствени раце, бидејќи тоа им е длабоко вкоренето во начинот на размислување. Преку секојдневните активности го намалуваме отпадот, штедиме ресурси и ја практикуваме оваа филозофија во три клучни области: електрониката, модата и мебелот. Нашата цел е преку соработката со АРНО и МАТА да добиеме поддршка. Секако, вклучувањето на корисниците во активностите директно ќе придонесе за нивна подобра социјализација и активен живот“, изјави Јорданчо Јосифов, раководител на Домот за стари лица „Мајка Тереза“.
Ова е трета година како АРНО го одбележува Светскиот ден на поправки во Македонија, надоврзувајќи се на претходните успешни акции од собирање и поправање играчки донирани на семејства со помалку можности од Општина Кисела Вода, до минатогодишните едукативни кампањи посветени на софтверското застарување и грижата за дигиталните уреди.
Иницијативата Светски ден на поправки е координирана од The Restart Project и меѓународни мрежи, кои преку собирање податоци и долгогодишен активизам се едни од клучните двигатели во борбата за промена на европското законодавство. Имено, од 2027 година во Европската унија батериите на телефоните ќе мора да се менуваат лесно, гаранциите за уредите ќе траат подолго, а резервните делови ќе бидат достапни по разумни цени.
Одбележувањето на Светскиот ден на поправки заврши со свечено сечење на торта и две практични работилници за возрасни – учење на традиционалната јапонска Сашико техника со дизајнерката Ирина Тошева, како и работилница за креативни поправки на текстил, водена од Оливија Георгиевска од МАТА.


