КОЈ ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ГУТЕРЕШ Ребека Гринспен изби во предност во трката за шеф на ОН
Поранешната потпретседателка на Костарика има мала предност по неформалното гласање во Советот за безбедност, додека седум кандидати се борат за функцијата генерален секретар на Обединетите нации од 1 јануари 2027 година.

Поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспен, засега има благо водство во трката за избор на нов генерален секретар на Обединетите нации, покажале резултатите од денешното неформално гласање во Советот за безбедност на ОН.
Како што пренесува Ројтерс, повикувајќи се на два извори запознаени со процесот, Гринспен остварила мала предност во однос на останатите кандидати, но конечниот исход од изборот сè уште е неизвесен.
Обединетите нации годинава треба да го изберат својот десетти генерален секретар, кој ќе ја преземе функцијата на 1 јануари 2027 година, со мандат од пет години.
Изборната трка дополнително се промени по повлекувањето на поранешната претседателка на Чиле, Мишел Башелет, која претходно важеше за една од кандидатките за највисоката функција во светската организација.
По нејзиното откажување, во конкуренција остануваат седум кандидати кои се борат за наследник на актуелниот генерален секретар Антонио Гутереш.
Гутереш, кој раководи со Обединетите нации од 2017 година, ќе ја напушти функцијата на крајот од 2026 година, по завршувањето на двата последователни петгодишни мандати.
Иако неформалното гласање претставува важен показател за расположението во Советот за безбедност, тоа не значи и конечна одлука. Изборот на новиот генерален секретар ќе зависи од понатамошните консултации и усогласувањето на ставовите меѓу земјите членки, особено петте постојани членки на Советот за безбедност.

