КРИЗНАТА СОСТОЈБА ЗА НАФТАТА СЕ ПРОДОЛЖУВА До април 2027 година
Собраниската Комисија за одбрана и безбедност ја проследи на натамошна постапка предлог-одлуката за продолжување на рокот за уште шест месеци, поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

Кризната состојба поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на Македонија треба да биде продолжена до 20 април 2027 година.
Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска ја проследи на натамошна постапка во Собранието предлог-одлуката за изменување на постојната одлука со која е одобрено продолжувањето на кризната состојба.
Образложение пред членовите на Комисијата даде министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој појасни дека измената се однесува на продолжување на рокот за постоење на кризната состојба.
„Фактички, со оваа одлука, зборовите ‘до 20 октомври 2026’ се заменуваат со зборовите ‘до 20 април 2027 година’“, појасни Мисајловски.
Со предложената измена, рокот за постоење на кризната состојба би се продолжил за шест месеци, а предлог-одлуката треба да ја помине натамошната собраниска постапка.

