БУГАРСКИ ЛЕКАРИ ТРЕБАЛО ДА ЈА ПРОВЕРАТ ИВА МИХАИЛОВА – Клековски: тогаш ќе излезело се на виделина
Министерот за здравство смета дека Михајлова избегала во Бугарија токму поради најавената лекарска проверка, која, според него, ќе потврдела дека нема здравствени причини за лекување во Софија.

Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека Ива Михајлова избегала во Бугарија токму поради најавеното доаѓање на бугарски лекарски конзилиум, кој требало заедно со македонските лекари да ја провери нејзината здравствена состојба и наводите дека ѝ е потребно лекување во соседната земја.
По денешната работна посета на Клиничката болница во Штип, Клековски изјави дека очекувал заедничката медицинска процена да ги разјасни околностите околу барањето на Михајлова за лекување во Софија.
„Сметам дека токму поради најавата дека во Македонија ќе допатува конзилиум лекари од Бугарија за увид во здравствената состојба и третманот на Михајлова се случи нејзиното бегство. Бугарскиот конзилиум само ќе ги потврдеше наодите на македонските лекари дека, во основа, тука нема здравствен случај“, изјави Клековски.
Тој најави дека деновиве ќе отпатува во Софија, каде што ќе разговара со министерката за здравство на Бугарија за случајот со Михајлова.
Против Ива Михајлова во Основниот суд во Кочани се води судска постапка за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на патот Кочани–Штип, во која загина 33-годишен маж, а неколку лица беа повредени.
Обвинителството ја товари дека возела со преголема брзина и преминала во спротивната сообраќајна лента. Михајлова и нејзиниот правен тим ги оспоруваат овие наводи и тврдат дека другото возило навлегло во нејзината лента при обид да заобиколи запрено полициско возило.
Михајлова, која има македонско и бугарско државјанство, за време на судскиот процес се жалеше на дискриминација и тврдеше дека не ѝ е овозможено лекување во Бугарија. Таа на 11 октомври заминала во Софија, каде што ангажирала бугарски адвокат.
Нејзиното заминување предизвика реакции во Македонија, особено откако од Министерството за внатрешни работи соопштија дека таа не ја напуштила државата легално. Во меѓувреме, македонските власти распишале меѓународна потерница по неа.
Во Бугарија се наоѓа и нејзиниот татко Симеон Михајлов, кој е осуден на 12,5 години затвор во случајот „Детонатор“.
Клековски најави дека за време на посетата на Софија ќе разговара и за натамошното лекување на дел од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година. Тој посочи дека ќе има средба и со претставници на здравствените власти во Белград за продолжување на лекувањето на повредените во Србија.

