ВНИМАТЕЛНО НА ПАТИШТАТА Влажни коловози, опасност од одрони и изменет сообраќаен режим на повеќе делници
АМСМ предупредува на зголемена внимателност при возење, особено низ клисурите и речните долини. На граничните премини нема подолги задржувања, но на повеќе патни правци се изведуваат градежни работи.

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено, но по влажни коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини, од македонска страна, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Опасност од одрони – АМСМ со предупредување до возачите
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.
Посебно внимание се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Изменет режим на сообраќај на повеќе патни правци
Поради градежни активности, на повеќе делници низ државата се применува времен режим на сообраќај.
На патниот правец Прилеп – Кавадарци, во делот Беловодица – Тројаци, од 13 октомври е воведено наизменично пропуштање на возилата поради градежни работи. Ваквиот режим ќе важи до завршувањето на активностите.
На државниот пат Гостивар – Кичево, кај мостот на реката Тајмишка, од 30 септември се изведуваат санациски работи, поради што е воспоставен привремен сообраќаен режим.
Изменет режим има и на регионалниот пат Струга – Дебар, во близина на браната „Глобочица“, каде што се врши реконструкција на инјекционата завеса.
Затворен дел од автопатот кон Богородица – сообраќајот пренасочен
На автопатот А1, на делницата Гевгелија – граничен премин Богородица, од 24 септември 2026 до 15 април 2027 година е предвиден времен режим на сообраќај.
Делот од исклучувањето за Гевгелија до граничниот премин Богородица е затворен за сообраќај, а возилата се пренасочуваат на спротивната коловозна лента, каде што сообраќајот се одвива двонасочно. Изменет режим важи и кај клучката Гевгелија.
Градежни работи и ограничувања на повеќе делници
На граничниот премин Делчево продолжуваат реконструктивните активности, но преминот функционира непрекинато и сообраќајот се одвива нормално.
Привремен режим е воспоставен и на регионалниот пат Р1204 во Штип, каде што се санира мостот на реката Брегалница, како и на делницата Косоврасти – Мелнички Мост, каде што се работи на санација на свлечиште.
На патниот правец Прилеп – Битола, во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот на потегот од клучката Лагово до Тополчани е пренасочен по регионалниот пат.
Целосно е затворена и делницата Мало Коњари – Кривогаштани, поради санација на оштетувања на регионалниот пат Прилеп – Крушево – Сладуево. Возилата се пренасочуваат по алтернативна делница, согласно поставената сигнализација.
Градежни активности се изведуваат и на патните правци ГП Блаце – Скопје и Кичево – Охрид, каде што на одредени делници сообраќајот се одвива со девијации и според привремена сообраќајна сигнализација.
Патот преку Галичица отворен за возила до 3,5 тони
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони, согласно сезонскиот режим што важи од 15 април.
Од АМСМ повторно апелираат на внимателно возење, приспособена брзина и строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

