ДРАМА ВО ЦРНОТО МОРЕ Два брода погодени од дронови, еден потона, се стравува за судбината на екипажот

Нападите се случиле во близина на бугарскиот брег, а од едниот брод е спасен само еден морнар. Софија се сомнева во Русија, но засега нема докази за тоа кој стои зад нападите.

ДРАМА ВО ЦРНОТО МОРЕ Два брода погодени од дронови, еден потона,  се стравува за судбината на екипажот
Фото: Принтскрин

Два брода беа погодени од дронови во Црното Море, недалеку од бугарскиот брег, при што едниот потона, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев. Според Ројтерс, ова е втор сличен инцидент во близина на Бугарија во последната недела, што дополнително ги зголемува безбедносните тензии во регионот.

Првиот напад бил извршен околу 1:30 часот по локално време врз бродот „Челзи 3“, кој пловел под малтешко знаме. Три дрона го погодиле бродот, и тоа палубата и страничниот дел, на околу 33 километри од бугарскиот брег.

Бугарскиот премиер потврди дека сите 15 членови на екипажот биле спасени. Меѓу нив имало седум Украинци и осум Азербејџанци. Петмина добиле медицинска помош, но никој не бил сериозно повреден.

Многу посериозна е ситуацијата со вториот брод, „Азов Конкорд“, кој потонал на околу 31 километар источно од Крапец, објави бугарскиот медиум „Новините“. Според досегашните информации, од бродот е спасен само еден член на екипажот. Сè уште нема потврдени податоци колку луѓе имало на бродот и што се случило со останатите. Неизвесноста околу нивната судбина го прави инцидентот особено загрижувачки, додека надлежните продолжуваат со утврдување на околностите.

„Ова е апсолутно неприфатливо“, изјави Радев, реагирајќи на новиот напад во непосредна близина на бугарските територијални води. Тој најави дека ќе разговара со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и дека ќе го покани рускиот амбасадор на средба. Иако засега нема докази за тоа кој стои зад нападите, Радев оцени дека индициите упатуваат кон Русија.

Ова не е прв инцидент од ваков вид во близина на бугарскиот брег. На 6 октомври, два комерцијални брода исто така беа погодени во Црното Море. Претходно, и турскиот товарен брод „Роџад Мамадов“ беше нападнат во романската ексклузивна економска зона. Во тој напад загинале двајца членови на екипажот, додека 11 биле спасени. Бродот потонал откако бил погоден од два дрона.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за нападот. Новите инциденти повторно го отвораат прашањето за безбедноста на трговскиот поморски сообраќај во Црното Море, каде што војната во Украина продолжува да создава сериозни ризици и надвор од непосредната воена зона.

ФОН ДЕР ЛАЈЕН СО ОСТРА ПОРАКА Црното Море не смее да стане ново жариште на војната во Украина

CATEGORIES
Share This