ДВА ПАСОША ОДЗЕМЕНИ, А ИВА ВО БУГАРИЈА Јотова дознала од телевизија и најави средба
Бугарската претседателка вели дека за пристигнувањето на Михајлова дознала од телевизија, а признава дека сè уште има многу неразјаснети околности.

Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека од телевизиските вести дознала оти Ива Михајлова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, ја преминала границата и пристигнала во Бугарија, иако македонските истражни органи претходно ѝ ги одзеле двете патни исправи – македонската и бугарската.
Јотова најави дека ќе се сретне со Михајлова при првата можност, дури и ако таа сè уште биде задржана на болничко лекување.
„При прва можност ќе се сретнам со Ива Михајлова. Дури и ако ја задржат во болница, ќе направам сè што е можно за да се видам со неа“, изјави Јотова пред новинарите.
Бугарската претседателка додаде дека ги очекува медицинските наоди од бугарските лекари во болницата „Пирогов“, но нагласи дека сè уште има многу неразјаснети околности поврзани со пристигнувањето на Михајлова во Бугарија.
„Има уште многу неразјаснети околности. Мислам дека и други надлежни органи во Бугарија треба прво да одговорат на прашањата што ве интересираат“, рече Јотова, одговарајќи и на прашањето каква реакција очекува од Македонија.

