СЛОВЕНЦИТЕ НА ЧЕТИРИ РЕФЕРЕНДУМИ Се гласа за РТВ, правото на глас и политичките истраги
Граѓаните на Словенија гласаат на четири референдуми за таксата за РТВ, правото на глас на странците, социјалната помош и спорните измени на Законот за парламентарна истрага.

Граѓаните на Словенија денеска, недела 11 Октомври излегуваат на гласање на четири референдуми, на кои одлучуваат за прашања поврзани со задолжителната радиотелевизиска такса, правото на странците да гласаат на локалните избори, социјалната помош и измените на Законот за парламентарна истрага.
Избирачките места се отворени од 7 до 19 часот, а првите резултати се очекуваат по 20:30 часот, објави словенечката новинска агенција СТА. Гласачите сами одлучуваат на кои од четирите референдумски прашања ќе се изјаснат. Сепак, на гласачкото место можат да дојдат само еднаш.
Најголемо внимание привлекува законодавниот референдум за измените на Законот за парламентарна истрага, усвоени во словенечкиот парламент на 26 мај. Референдумот беше распишан откако организации на граѓанското општество, со поддршка на опозицијата, собраа 40.000 потписи. Противниците на законските измени тврдат дека новите одредби ја намалуваат правната заштита на граѓаните и им даваат преголеми овластувања на политичарите, со ризик од нарушување на приватноста.
Критичарите предупредуваат и дека измените би можеле да доведат до политички пресметки и злоупотреба на парламентарните истраги. Словенечката национална изборна комисија соопшти дека по затворањето на избирачките места прво ќе се пребројуваат гласовите од законодавниот референдум за парламентарните истраги.
Потоа ќе следува утврдувањето на резултатите од советодавните референдуми за социјалната помош, правото на странците да гласаат на локалните избори и укинувањето на задолжителната такса за Радиотелевизија Словенија (РТВ).
Граѓаните имаа можност да гласаат и пред редовниот референдумски ден, од вторник до четврток. Оваа можност ја искористиле 75.401 гласач, што претставува 4,44 отсто од вкупниот број избирачи со право на глас.
НАПНАТО ВО СЛОВЕНИЈА Четири референдуми во недела, изборниот молк веќе стапи на сила

