СТУДЕНТИТЕ БАРААТ 200 ДЕНАРИ ЗА ОБРОК Од 140 денари – ново зголемување пред МОН

„Студентарија“ бара повисока субвенција, попуст за меѓуградскиот превоз и подобри услови во домовите, додека МОН најавува промена на методологијата.

СТУДЕНТИТЕ БАРААТ 200 ДЕНАРИ ЗА ОБРОК Од 140 денари – ново зголемување пред МОН
Фото: Принтскрин

Платформата „Студентарија“ очекува Министерството за образование и наука да ги прифати барањата на студентите за подобрување на студентскиот стандард. Меѓу главните барања се зголемување на субвенцијата за студентски оброк од сегашните 140 на 200 денари, субвенционирање односно попуст на билетите за меѓуградски превоз, како и подобрување на условите во студентските домови.

Од „Студентарија“ посочуваат дека и оваа година се појавиле проблеми при остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк. Претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ангела Василевска, посочи дека дел од студентите биле одбиени затоа што студентските служби навреме не ги доставиле списоците на редовни студенти до Министерството за образование.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека е запознаена со проблемите со кои се соочуваат студентите и дека ќе се разгледаат можностите за промени.

„Пресметката сега кажува дека според стапката на инфлација студентскиот оброк треба да се зголеми само за седум денари. Значи тој би бил 147 денари. Иницијативата за зголемување на сумата е стигната до МОН. Ние веќе почнавме да размислуваме за промена на методологијата“, изјави Јаневска.

Студентите, пак, бараат значително повисока субвенција и очекуваат нивните барања да бидат разгледани како дел од мерките за подобрување на студентскиот стандард.

CATEGORIES
Share This