ГОРИВАТА МОЖЕ ДА ПОЕВТИНАТ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА Мицкоски најави ново намалување на дизелот и бензинот
Владата ги следи берзите и преговара со „Окта“ за дополнителен попуст – Мицкоски очекува пониски цени на горивата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека следната недела е можно ново намалување на цените на дизелот и бензинот. По увидот во градежните работи на мостот „Љубљанска“ на кејот на Вардар во Општина Карпош, Мицкоски изјави дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи и очекува тие да се одразат и врз домашните цени.
„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела. Тоа во Владата го анализираме и го следиме, но тоа ќе си го каже Регулаторната комисија за енергетика“, изјави премиерот.
Мицкоски информираше дека Владата преговара со „Окта“ за дополнителен попуст на горивата. Според него, со евентуалниот дополнителен попуст Македонија би имала, како што оцени, убедливо најниски цени на горивата во регионот, а можеби и меѓу најниските во Европа. Премиерот оцени дека земјата е енергетски стабилна и подготвена за претстојната грејна сезона.
Според Мицкоски, ремонтните активности во термоблоковите на РЕК „Битола“ и „Осломеј“ се во завршна фаза или ќе бидат завршени до крајот на месецот. Хидропотенцијалот, како што посочи, моментално е на околу 40 отсто од капацитетот. Со очекуваните есенски и зимски врнежи, целта е следната сезона за наводнување да се дочека со исполнетост од 80 до 85 отсто.
Мицкоски очекува грејната сезона целосно да започне во втората половина на ноември, а како еден од главните предизвици го посочи аерозагадувањето предизвикано од користењето нееколошки горива за затоплување. Во однос на системот за парно греење во Скопје, тој истакна дека по летните подготовки и санации на мрежата се очекува значително намалување, односно преполовување на загубите на вода.
За разлика од некои земји од ЕУ и Г7 кои ги користат државните резерви за интервентно снабдување, Мицкоски увери дека Македонија нема проблем со залихите. Според него, обезбедени се договорите со снабдувачите, кои се почитуваат најмалку до Нова година.
Премиерот најави и формален ребаланс на Буџетот во текот на овој месец поради намалените приходи од акцизите и ДДВ за горивата.
„Само по основ на акциза проценките се дека ќе недостигаат околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност, посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7–8 милијарди денари“, објасни Мицкоски.
Тој посочи дека оваа сума не може да биде покриена само со прераспределба, поради што ќе биде потребен формален ребаланс.
Во однос на најавите за проширување на дневната евтина тарифа на електричната енергија, Мицкоски порача дека позитивно би ја поздравил секоја реформа што е во интерес на граѓаните.

