МИЦКОСКИ И ФРЛИ РАКАВИЦА НА ОПОЗИЦИЈАТА Барајте избори – ќе ве победиме

Премиерот вели дека редовните избори се во април 2028 година, но власта е подготвена за предвремено гласање ако опозицијата го побара тоа.

МИЦКОСКИ И ФРЛИ РАКАВИЦА НА ОПОЗИЦИЈАТА Барајте избори – ќе ве победиме
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата има стабилен четиригодишен мандат и дека редовните парламентарни избори треба да се одржат во април 2028 година. Сепак, тој остави отворена можноста за предвремено гласање доколку опозицијата официјално побара избори.

„Оваа Влада ја добила довербата од граѓаните да го води мандатот четири години. Имаме редовни избори некаде во април 2028 година“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека доколку опозициските партии поднесат иницијатива во Собранието, владејачкото мнозинство ќе ја прифати.

„Имаме здружена опозиција и коалицијата предводена од ДУИ, коалицијата предводена од СДСМ и Левица. Ние сме тука, ќе одговориме позитивно, ќе имаме избори и ќе ги победиме“, порача премиерот.

СДСМ: Подготвени сме, тоа ќе биде крај за ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски и претходно повеќепати изјавуваше дека не гледа потреба од предвремени парламентарни избори, но истовремено нагласуваше дека власта не се плаши од изборно соочување. Темата повторно се актуелизира откако премиерот порача дека неговата коалиција би ја победила здружената опозиција.

Од СДСМ возвратија дека се подготвени за избори во секој момент и оценија дека евентуалното предвремено гласање би означило крај на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Така, иако власта го посочува април 2028 година како термин за редовни избори, политичката порака од двете страни повторно ја отвора дилемата, дали Македонија може да оди на избори пред истекот на мандатот.

CATEGORIES
Share This