ОСМА ЖРТВА НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Почина 70-годишник од Драчево

Бројот на заболени достигна 58, а најголем број случаи се регистрирани во скопскиот регион.

ОСМА ЖРТВА НА ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Почина 70-годишник од Драчево
Фото: Принтскрин

Западнонилската треска ја однесе осмата жртва во земјава. Почина 70-годишен жител на скопско Драчево, кој се лекувал на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Смртниот исход го потврдил министерот за здравство Сашко Клековски. Пациентот бил во критична состојба и имал повеќе коморбидитети.

„Пациентот се лекуваше на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а леталниот исход настана во текот на вчерашниот ден. Пациентот беше со повеќе коморбидитети“, изјавиле извори од Клиниката.

Во меѓувреме, бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска достигна 58, откако Институтот за јавно здравје потврди уште два нови случаи. Најголем број заболени се регистрирани во скопскиот регион, а случаи има и во други делови од земјата.

Сите досегашни починати од западнонилска треска се мажи на возраст од 62 до 83 години, кои имале и други заболувања.

Сезонава бројот на заболени значително го надмина бројот на регистрирани случаи во претходните години. До 1 септември биле евидентирани 56 случаи, што е повеќе од вкупниот број случаи регистрирани во земјава во претходните 15 години.

CATEGORIES
Share This