ВАРДАР ПРЕД НОВА БУРА Комити најавија последен меч, потоа следува целосен бојкот

Навивачите со „герила“ акција низ Скопје порачаа дека бараат смена на Миленко Неделковски, а денешниот дуел со Арсими го најавија како последен пред целосниот бојкот на активностите на Вардар.

ВАРДАР ПРЕД НОВА БУРА Комити најавија последен меч, потоа следува целосен бојкот
Фото: Принтскрин

Во пресрет на денешниот натпревар од шестото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) меѓу Вардар и Арсими, кој од 19 часот ќе се игра на комплексот „Петар Милошевски“ во Скопје, навивачката група „Комити“ организираше „герила“ акција низ главниот град.

Со поставување банери на повеќе локации, „Комити“ го искажаа својот став за актуелното управување со ФК Вардар и повторно го истакнаа барањето за заминување на извршниот директор Миленко Неделковски.

Од навивачката група претходно најавија дека денешниот натпревар ќе биде нивното последно присуство на трибините, по што ќе стапат во целосен бојкот на активностите поврзани со клубот, сè до, како што наведуваат, конечното заминување на Неделковски.

„Герила“ акцијата се одвиваше на повеќе места низ Скопје, каде што преку поставените пораки „Комити“ порачаа дека смена на Неделковски мора да има.

За денеска е најавен и масовен собир пред натпреварот со Арсими. Навивачите најавуваат присуство и поддршка за фудбалерите за време на мечот, по што ќе следува целосен бојкот на активностите на ФК Вардар, како и игнорирање на активностите иницирани од Неделковски.

Инаку, по промената на сопственичката структура на клубот, „Комити“ преку своето здружение поседуваат 15 проценти од акциите на ФК Вардар. Оттаму сметаат дека имаат право да имаат свој став за начинот на кој се управува клубот и за евентуалните промени во неговото раководење.

CATEGORIES
Share This