НЕВЕРОЈАТЕН МЕДИЦИНСКИ ПРОБИВ – 3Д печатена рожница ѝ го врати видот на жена во 70-тите

Пионерската операција во Израел може да отвори нова ера во лекувањето на слепилото.

НЕВЕРОЈАТЕН МЕДИЦИНСКИ ПРОБИВ – 3Д печатена рожница ѝ го врати видот на жена во 70-тите
Фото: Принтскрин

Жена во седмата деценија од животот делумно го повратила видот откако добила, како што се наведува, еден од првите импланти на 3Д биопечатена биолошка рожница во светот. Пионерската операција била изведена во здравствениот кампус „Рамбам“ во Хаифа, Израел. Пациентката страдала од слепило предизвикано од оштетување на рожницата на едното око, а во текот на интервенцијата ѝ била имплантирана рожница создадена во лабораторија од човечки клетки.

Имплантот го развила израелската биотехнолошка компанија Precise Bio, која со оваа технологија се обидува да одговори на еден од најголемите проблеми во офталмологијата – недостигот на донорски рожници.

Според податоците што ги објавува компанијата, повеќе од 13 милиони луѓе во светот чекаат трансплантација на рожница, додека достапноста на донорско ткиво останува сериозно ограничена. Новата технологија би можела значително да го зголеми бројот на достапни импланти, бидејќи од еден донорски примерок потенцијално може да се произведат стотици импланти.

„Оваа трансплантација е момент на вистинска надеж за милиони луѓе кои чекаат донации на рожница“, изјави Ари Бат, коосновач и извршен директор на Precise Bio, оценувајќи ја интервенцијата како историски момент за регенеративната медицина.

Рожница создадена од човечки клетки

Биопечатената рожница се создава со комбинирање на биолошки материјали и човечки клетки, со цел да се реплицираат структурата и функциите на природното ткиво. Од компанијата велат дека процесот вклучува напредни методи за контрола на квалитетот, што би требало да овозможи поголема предвидливост при хируршките интервенции.

За разлика од традиционалните донорски рожници, лабораториски произведениот имплант е дизајниран да има висока клеточна густина и да ги имитира клучните карактеристики на природната рожница. Според истражувачкиот тим, тоа би можело да придонесе за подобро заздравување и подобра визуелна јасност со текот на времето.

Професорот Дејвид Цадок, раководител на офталмологијата во Медицинскиот центар „Шааре Зедек“ во Ерусалим и медицински советник на Precise Bio, посочи дека зад технологијата стои речиси една деценија истражување.

Тој нагласи дека тим од истражувачи, инженери и лекари работел на надминување на бројни предизвици за да се создаде ткиво кое ги имитира основните својства на човечката рожница, вклучително и нејзината транспарентност и биомеханички карактеристики.

Видот веќе почнал да се подобрува

Професорот Мајкл Мимуни, раководител на одделот за рожница во „Рамбам“, потврдил дека операцијата поминала успешно и дека видот на пациентката веќе почнал да се подобрува.

Нејзиното закрепнување во моментов внимателно се следи, а лекарите ќе проценуваат како имплантот функционира на подолг рок.

Професорот Еитан Ливни, раководител на одделот за рожница во Медицинскиот центар „Рабин“ и медицински советник на компанијата, смета дека потенцијалот на технологијата е особено голем во земјите каде што пристапот до трансплантација на рожница е ограничен.

Тој посочи дека во многу делови од светот пациенти остануваат без можност за лекување поради недостиг на донорски ткива и соодветна инфраструктура за нивна обработка.

Според него, иднината во која инженерски произведена рожница би можела да пристигне подготвена за трансплантација директно од производителот би претставувала голема промена во лекувањето на слепилото предизвикано од оштетувања на рожницата.

Доколку технологијата продолжи успешно да се развива и да ги поминува потребните клинички и регулаторни процедури, биопечатените рожници би можеле да станат важна алтернатива на традиционалните донорски трансплантации.

CATEGORIES
Share This