ТВ ВОДИТЕЛКА ОСУДЕНА НА СМРТ Калифа тврди дека дрогата ја видела дури откако ја фотографирале со неа
Таа и уште 11 лица се прогласени за виновни за дела поврзани со производство и трговија со дрога.

Египетската телевизиска водителка Сара Калифа и уште 11 лица се осудени на смрт со бесење, откако судот ги прогласи за виновни по обвиненија поврзани со трговија и производство на дрога. Според државниот весник „Ал-Ахрам“, Калифа и останатите обвинети биле дел од организирана криминална група која набавувала и увезувала суровини за производство на наркотици, со намера тие понатаму да бидат дистрибуирани на пазарот. Во рамки на истрагата било утврдено и дека групата поседувала нелегално огнено оружје и муниција.
Запленети повеќе од 750 килограми дрога За време на судската постапка биле презентирани докази дека властите заплениле повеќе од 750 килограми наркотици, како и значителни количини увезени суровини наменети за нивно производство.
Калифа, која има 39 години, е позната во Египет по телевизиската емисија „Mission Impossible“, во која се обработувале теми поврзани со криминалот. Таа во целост ги отфрлила обвиненијата против неа. Покрај 12-те смртни пресуди, деветмина обвинети добиле доживотен затвор, додека седум лица биле ослободени од обвиненијата.
Адвокатот на Калифа најавил дека таа ќе ја обжали пресудата. Пресудата била изречена уште минатиот месец, но нејзината потврда била одложена додека судот не го добил мислењето од големиот муфтија на Египет. Таквото мислење е задолжително во случаи кога судот изрекува смртна казна.
Според „Ал-Ахрам“, во текот на постапката сведочеле 20 лица, а обвинителството презентирало и електронски докази, меѓу кои разговори и видеоснимки. На рочиштето во септември минатата година, кога судијата ја прашал за нејзината наводна улога во случајот, Калифа изјавила дека никогаш претходно не видела дрога, сè до моментот кога била фотографирана со наркотици во просториите на службата за борба против дрогата.
Според извештајот на „Амнести интернешенел“ за 2025 година, во Египет во текот на годината биле изречени 492 смртни пресуди, од кои 23 биле извршени. Организацијата посочува дека меѓу обвинетите кои добиле смртна казна имало и лица осудени за трговија со дрога и силување. Според „Амнести интернешенел“, станува збор за кривични дела кои не се намерно убиство, што е спротивно на меѓународните стандарди според кои примената на смртната казна треба да биде ограничена на најтешките случаи на намерно лишување од живот.

