СТОТИЦИ ЖРТВИ ВО ЕВРОПА Мицкоски за натпросечната година со Западнонилска треска

Премиерот вели дека македонските општини ги спровеле редовните протоколи за заштита од комарци и нагласува дека проблемот не е специфичен само за Македонија.

СТОТИЦИ ЖРТВИ ВО ЕВРОПА Мицкоски за натпросечната година со Западнонилска треска
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годинава Европа се соочува со натпросечна појава на инфекции со Западнонилска треска, нагласувајќи дека овој здравствен предизвик не е карактеристичен само за Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реконструираната Стара чаршија во Гевгелија, Мицкоски се осврна и на состојбата со случаите на Западнонилска треска во земјава.

Тој посочи дека, според информациите со кои располага, општините ги реализирале предвидените активности за заштита од комарци, согласно редовните протоколи.

„Ги проверивме информациите и врз основа на она со што располагам, сите општини во рамките на редовниот протокол ги имаат завршено своите активности. Не би можел да кажам дека некој не го направил тоа или дека ја занемарил обврската“, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека со зголемен број случаи на Западнонилска треска не се соочува само Македонија, туку и повеќе медитерански земји.

„Факт е дека оваа година е натпросечна кога станува збор за ваков тип предизвик со кој се соочуваме и ние, но и, условно кажано, сите медитерански земји. Тука се и Италија и Шпанија, каде што, за жал, починатите од Западнонилска треска се бројат со стотици“, рече Мицкоски.

CATEGORIES
Share This