НЕ БИЛЕ САМО 350.000 ЕВРА ВО ЅИДОТ, ОКОЛУ 1 МИЛИОН ЕВРА ИМАЛЕ РОДИТЕЛИТЕ И 600.000 ЕВРА НА СМЕТКИ КАЈ РИСТОВ Одбраната вели ќе го докажеме потеклото на сите пари
А во телефонот- Боки 13, Камчева, Гури, Јахоски, Азманов, Стафа, Вице Заев, Ременски... Обвинителството чита пораки за предмети, средби и контакти, а одбраната најавува дека ќе го објасни потеклото на парите.

Комуникации со Боки 13, Исмет Гури, Исмаил и Асмир Јахоски, Ана Камчева, Зоран Азманов, Фехми Стафа и Вице Заев се пронајдени во телефонот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, додека обвинителството презентираше и разговори поврзани со средби со лица од предметот „Ориент“. Одбраната, пак, тврди дека финансиската слика на семејството е многу поширока од онаа што ја прикажува обвинителството.
Нови детали од екстракцијата на податоци од мобилниот телефон на апелацискиот судија Ѓоко Ристов беа презентирани на продолжението на судскиот процес против него.
Според обвинителството, во телефонот што бил користен во 2023, а повторно активиран во 2025 година, биле пронајдени телефонски броеви и комуникации со повеќе лица кои биле или се поврзани со судски постапки, политиката и бизнисот.
Обвинителката Искра Хаџивасилева ги прочита имињата и контактите што биле пронајдени во телефонот. Меѓу нив биле Бојан Јовановски – Боки 13, Исмет Гури, Ана Камчева, Исмаил Јахоски, запишан како „Бабе Исмаил“, неговиот син Асмир Јахоски, Зоран Азманов, Фехми Стафа, Фросина Ременски, Вице Заев, како и други лица.
Во телефонот биле пронајдени и контакти со Александар Вељановски – Цандо, кој според обвинителството е пријател на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот, како и со обвинетиот гинеколог Марјан Стојоски. Презентирана била и комуникација преку апликацијата „Сигнал“ со Бојан Јовановски, како и комуникација со поранешниот апелациски судија Енвер Беџети.
Обвинителството нагласи дека самото постоење на контактите не претставува доказ за кривично дело, но смета дека тие можат да бидат релевантни во контекст на етичките и законските обврски на судија од Апелацискиот суд, особено кога станува збор за лица за кои се воделе или се водат судски постапки.
„Како ти стои сега со ова што го имате КСЖ?“
Меѓу презентираните пораки била и комуникацијата меѓу Ристов и Беџети.
„Друже, како ти стои сега со ова што го имате КСЖ, ме прашува една колешка, брат и’ бил?“, му пишал Ристов на Беџети, според она што го прочита обвинителката.
Презентирани биле и пораки од непознати лица поврзани со предмети што ги работеле негови колеги. Во една од нив до Ристов било напишано:
„Извини за предметот кај Букурие, сè уште нема никакво решение или објава, битно е да биде пред 28-ми, зашто имаме предмет“.
Во друга порака, непознато лице го прашува:
„И вториот предмет им помина. Што е работава, нели беше средено?“
Според обвинителството, ваквата комуникација ја отвора дилемата за начинот на кој Ристов комуницирал со лица заинтересирани за конкретни предмети пред Апелациониот суд.
Одбраната, пак, реагира дека Обвинителството се обидува од самите контакти да извлече заклучоци без да презентира конкретни докази дека комуникациите претставувале незаконско влијание врз судски одлуки. Адвокатот Звонко Давидовиќ посочи дека Ристов не одлучувал самостојно во Апелација, туку во совет од тројца судии, и дека дел од предметите за кои било зборувано ги судел друг судија.
Средби со лица од „Ориент“ снимени со посебни истражни мерки
На претходното рочиште обвинителството презентираше и разговори снимени со посебни истражни мерки, за кои тврдеше дека покажуваат како била договарана средба меѓу Ристов и лица поврзани со предметот „Ориент“.
Обвинителката Хаџивасилева посочи дека женскиот глас во дел од разговорите е на Симона Ристова, сопруга на судијата и државна правобранителка. Според презентираните материјали, Симона Ристова комуницирала со Един Шеапи, лице поврзано со предметот „Ориент“, и договарала негова средба со Ристов. Во еден од разговорите од 5 мај 2025 година, Шеапи зборува со друго лице за средбата со човек кого го нарекуваат „нишанот“.
„Оваа недела мора да се заврши, со Господ напред“, се слуша во разговорот што беше презентиран во судницата.
Следниот ден Шеапи контактирал со Симона Ристова, а комуникацијата продолжила и на 7 мај. Во пораките таа му ја посочила локацијата „кај хрватската амбасада“, а подоцна и „кај кафичот“. Средбата меѓу Шеапи и Ристов се случила на 7 мај 2025 година, а обвинителството претходно презентираше и видеоснимка од средбата.
350.000 евра заѕидани во семејната куќа
Централниот дел од обвинението против Ристов се однесува на 350.000 евра во готовина кои беа пронајдени во семејната куќа во Неготино, во дел од објектот над катот на неговите родители. Според обвинителството, парите биле сокриени зад плочки во кујната, а биле пронајдени 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра.
Во рамките на истрагата, според обвинителството, на алуминиумската фолија со која биле завиткани парите биле пронајдени отпечатоци и ДНК на Ристов. Тој се гони за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“.
Обвинителството: Приходите не ги оправдуваат 350.000 евра
На рочиштето беше презентирано и финансиско вештачење на приходите, сметките и имотот на семејството Ристови. Вештакот Ѕвонко Кочовски ги анализирал даночните пријави, банкарските сметки и имотната состојба на Ристов, неговата сопруга Симона, неговите родители Донка и Здравко Ристови и таткото на сопругата.
Според неговиот исказ, Ристов во 2016 година имал месечни примања од околу 60.000 денари, додека во 2024 година платата му била меѓу 115.000 и 120.000 денари. Кај неговата сопруга Симона, месечните примања во 2016 година биле околу 17.000 денари, а во 2024 година достигнале околу 90.000 денари.
Вештакот посочи дека не биле утврдени други значајни приходи, освен одредени приливи на Ристов од Академијата за судии и обвинители. Обвинителството од овие податоци извлекува заклучок дека прикажаните приходи не го објаснуваат износот од 350.000 евра пронајдени во куќата.
Одбраната: Семејството има околу 600.000 евра во банки
Одбраната, пак, презентираше сосема поинаква финансиска слика. Адвокатот Звонко Давидовиќ го праша вештакот за депозитите на Ристов во пет банки и за средствата на неговата сопруга. Според презентираните податоци, Ристов имал околу 25 милиони денари во депозити, додека на сметките на Симона биле околу 11 милиони денари.
Вкупно, според адвокатот, станувало збор за околу 37 милиони денари, односно приближно 600.000 евра. Давидовиќ посочи и дека кај мајката на Ристов, Донка, биле утврдени средства од околу 975.000 евра.
Адвокатот нагласи дека Ристов е судија од 2008 година и дека семејството со години остварувало приходи, а посочи и дека во 2017 година Ристов уплатил 1,23 милиони денари за рата за купување стан. Одбраната дополнително приговараше дека во финансиската анализа не биле земени предвид сите приходи, каматите, вложувањата и другите финансиски трансакции.
Според Давидовиќ, Ристов и неговата сопруга во периодот за кој се анализирани приходите заработиле околу 617.000 евра, додека родителите на Ристов имале околу 975.000 евра. За спорните средства во кеш, одбраната најави дека нивниот вештак на следните рочишта ќе го објасни потеклото на парите.
Судијата Ристов треба да даде исказ
На крајот од рочиштето одбраната предложила и самиот Ристов да биде сослушан. Судењето продолжува денеска, 3 септември, со изведување нови докази, а во следната фаза се очекува одбраната дополнително да ја презентира својата верзија за потеклото на парите пронајдени во семејната куќа.
Додека обвинителството во контактите и комуникациите од телефонот и снимените средби гледа индиции за недозволени контакти и можни коруптивни практики, одбраната тврди дека самите контакти не докажуваат кривично дело и дека финансиското вештачење на Обвинителството е нецелосно. Крајниот одговор за потеклото на 350.000 евра, како и значењето на комуникациите и средбите презентирани во судницата, треба да го даде судската постапка.

