ГО АКТУЕЛИЗИРААТ МОЈОТ СЛУЧАЈ ЗА ДА ЈА СПАСАТ ПРИКАЗНАТА ПРОТИВ ИВА Симеон Михаилов со ново обраќање од Бугарија
Таткото на Ива Михаилова тврди дека бил жртва на „монтиран процес“ и дека неговиот случај бил повторно отворен во момент кога во јавноста се зборува за судскиот процес против неговата ќерка.

Симеон Михаилов, таткото на Ива Михаилова, повторно се огласи од Бугарија, тврдејќи дека случајот против него бил повторно актуелизиран во момент кога во јавноста се отвори прашањето за судскиот процес против неговата ќерка. Во обраќање на бугарски јазик, Михаилов оценува дека станува збор за обид за дефокусирање на јавноста од, како што тврди, недостигот на докази во постапката против Ива Михаилова, која има и бугарско државјанство.
Михаилов ги оспорува и наводите врз кои е заснована пресудата против него. Тој тврди дека бил жртва на „монтиран процес“, кој, според неговите наводи, бил покренат со цел да му биде одземен бизнисот со казина. Тој негира дека сторил дела за кои бил обвинет, меѓу кои и перење пари и подметнување бомба, и тврди дека македонските надлежни органи немале докази против него. Во своето обраќање, Михаилов посочува и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, тврдејќи дека тој стоел зад процесот против него.
Симеон Михаилов во Македонија е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во предметот „Детонатор“, а по него е распишана меѓународна потерница. Предметот опфаќаше повеќе тешки кривични дела, меѓу кои обид за убиство, насилство и злосторничко здружување. Михаилов е осуден за обид за убиство на телохранителот на Мијалков, Драганчо Стоименов. Во првостепената постапка му била изречена доживотна казна затвор, која подоцна, во текот на судската постапка, била намалена на 12 години и шест месеци.
Македонските власти претходно побараа од бугарските надлежни органи да постапат по меѓународната потерница и Михаилов да биде испорачан во Македонија за издржување на правосилно изречената затворска казна. Ива Михаилова, која исто така има бугарско државјанство, ги отфрла обвинувањата против неа и тврди дека е невина и неправедно обвинета.

