СЕ ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА УНГАРСКИОТ ЗАЕМ Мицкоски со порака: „Апсолутно не стравувам“

Премиерот вели дека средствата се потрошени транспарентно и очекува унгарските институции да ја завршат постапката.

СЕ ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА УНГАРСКИОТ ЗАЕМ Мицкоски со порака: „Апсолутно не стравувам“
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека не стравува од истрагата што се води во Унгарија во врска со поволниот заем што Македонија го доби од тамошната „Ексим“ банка.

Мицкоски посочи дека истрагата е внатрешно прашање на Унгарија и изрази очекување унгарските институции да ја завршат постапката и да излезат со официјални информации.

„Апсолутно не стравувам од истрагата, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, потврдено од двата парламента и двете влади. Средствата се потрошени транспарентно“, рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој истовремено ѝ се заблагодари на Унгарија за поддршката, нагласувајќи дека земјата била меѓу првите што ѝ помогнале на Македонија во периодот кога, како што рече, новата влада се соочувала со последиците од наследената економска состојба.

Во однос на идната поддршка од Унгарија за европската интеграција на Македонија, Мицкоски оцени дека таа и натаму постои, и покрај промените на политичката сцена во Унгарија.

Тој ги коментираше и неодамнешните изјави на новиот унгарски премиер Петер Маѓар за проширувањето на Европската Унија, со кои се доведува во прашање поддршката за забрзано членство на земјите кандидати.

„Убеден сум дека тоа што го кажал Маѓар не го мисли за Балканот“, рече Мицкоски, додавајќи дека Маѓар во повеќе наврати ја потврдил поддршката за Западен Балкан.

Според него, изјавите на унгарскиот премиер најверојатно се однесуваат на други земји кандидати за членство во ЕУ, а не на земјите од Западен Балкан.

CATEGORIES
TAGS
Share This