СЕ ПОЈАВИ ПРЕД КАМЕРИТЕ ВО СОФИЈА, А МАКЕДОНИЈА ГО БАРА Мицкоски бара Бугарија да го предаде Михаилов

Симеон Михаилов, осуден во „Детонатор“ на 12,5 години затвор, јавно се појави на протест пред македонската амбасада – Мицкоски вели дека за него има меѓународна потерница.

СЕ ПОЈАВИ ПРЕД КАМЕРИТЕ ВО СОФИЈА, А МАКЕДОНИЈА ГО БАРА Мицкоски бара Бугарија да го предаде Михаилов
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска побара од Бугарија да го испорача Симеон Михаилов, кој е правосилно осуден во случајот „Детонатор“ на 12 години и шест месеци затвор и по кого Македонија има распишано активна меѓународна потерница.

Барањето на Мицкоски следува откако Михаилов завчера јавно се појави во живо во прилози на бугарски медиуми, додека протестираше пред македонската амбасада во Софија. Со тоа во јавноста се потврди дека се наоѓа во Бугарија, иако македонските власти го бараат за издржување на затворската казна.

„Ние имаме потерница за тоа лице и очекувам нашите партнери да постапат соодветно на партнерството. Ние сме партнери со источниот сосед во рамките на НАТО. Очекуваме луѓето кои се бараат со потерница, кои направиле некакво кривично дело, да ги испорачаат, во духот на партнерството, за да се соочат со законот и со правдата“, изјави Мицкоски.

Случајот дополнително привлече внимание поради неговата ќерка Ива Михаилова, против која во Кочани се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Судот не ѝ дозволува да ја напушти Македонија до завршувањето на процесот, додека таа тврди дека има потреба од лекување во Бугарија.

Симеон Михаилов е осуден во предметот „Детонатор“ за дела поврзани со обид за убиство, злосторничко здружување и насилство. Првично му била изречена доживотна казна затвор, која во понатамошната постапка била намалена на 12 години и шест месеци.

Во текот на судската постапка Михаилов ја напуштил Македонија, а во 2014 година бил екстрадиран од Италија, каде што бил уапсен по меѓународна потерница. Подоцна повторно станал недостапен за македонските органи, а неговата меѓународна потерница и натаму е активна.

CATEGORIES
Share This