НА 100-ГОДИШНА ВОЗРАСТ ПОЧИНА РАИФ ДИЗДАРЕВИЌ Поранешен претседател на Претседателството на СФРЈ

Беше во УДБА, амбасадор во повеќе земји, министер за надворешни работи и претседател на Претседателството на Југославија

НА 100-ГОДИШНА ВОЗРАСТ ПОЧИНА РАИФ ДИЗДАРЕВИЌ Поранешен претседател на Претседателството на СФРЈ
Фото: Принтскрин

Раиф Диздаревиќ, долгогодишен југословенски политичар, дипломат и државник, почина во Сараево на 100-годишна возраст.

Диздаревиќ беше активен во политичкиот и државниот врв на поранешна Југославија во периодот пред и по смртта на Јосип Броз Тито. Во Народноослободителната борба се приклучил во 1943 година, а по завршувањето на Втората светска војна, од 1945 до 1951 година работел во Управата за државна безбедност (УДБА).

Во дипломатската кариера бил амбасадор на Југославија во Бугарија, Советскиот Сојуз и Чехословачка, а потоа продолжил да извршува високи државни функции.

Од 1978 до 1982 година бил претседател на Претседателството на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, додека од 1982 до 1983 година ја извршувал функцијата претседател на Собранието на СФРЈ.

На 15 мај 1984 година бил именуван за сојузен секретар за надворешни работи, функција што ја извршувал до 30 декември 1987 година. По тоа станал член на Претседателството на СФРЈ.

Диздаревиќ беше претседател на Претседателството на СФРЈ од 15 мај 1988 до 15 мај 1989 година. На функцијата го наследи Хамдија Пождеpaц.

Неговата политичка кариера се одвиваше во еден од најтурбулентните периоди во историјата на југословенската федерација. Подоцна, преку своите мемоари, Диздаревиќ даде личен осврт на политичките процеси што ја одбележаа последната деценија од постоењето на СФРЈ.

Тој е автор на книгата „Од смртта на Тито, до смртта на Југославија“, во која ги анализира клучните политички настани по смртта на Јосип Броз Тито, како и процесите што доведоа до распадот на југословенската федерација.

Ја напиша и книгата „Време е да се сетиме“, посветена на неговите сеќавања за значајни настани и личности од политичкиот живот на поранешна Југославија.

CATEGORIES
Share This