ЌЕ СЕ СКРАТАТ ЛИ ЧАСОВИТЕ ПОРАДИ ЖЕСТИНИТЕ Јаневска со јасен одговор
МОН бара приспособување на наставата на високите температури, додека Општина Аеродром најавува скратени часови доколку биде активирана жолта фаза.

Високите температури не значат автоматско скратување на наставните часови, туку училиштата треба да ја приспособат наставата согласно протоколите на Министерството за образование и наука, изјави министерката Весна Јаневска.
Таа посочи дека протоколите веќе се доставени до сите училишта и содржат конкретни насоки за организација на наставата во услови на високи температури. Меѓу другото, предвидено е правилно проветрување на училниците, соодветно отворање и затворање на прозорците, како и приспособување на активностите според временските услови.
Според Јаневска, во периоди кога температурите се особено високи, часовите по физичко образование може да бидат заменети со активности кои бараат помал физички напор. Целта, како што нагласи, е наставниот процес да продолжи, но во услови прилагодени на високите температури.
Во однос на можноста училиштата да бидат опремени со клима-уреди, министерката рече дека тоа ќе се реализира кога државата ќе има финансиска можност да обезбеди климатизација за сите училишта.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изјави дека во училиштата на територијата на општината наставните часови ќе бидат скратени доколку биде активирана жолта фаза поради високите температури.

