ПЛАНИРАЛЕ 200, ПРИМИЈА 310 По 30 години повторно стартува Средното полициско училиште

На конкурсот се пријавиле 510 кандидати, а Тошковски откри дека најголемите пречки за дел од нив биле поведението и критериумот за висина.

ПЛАНИРАЛЕ 200, ПРИМИЈА 310 По 30 години повторно стартува Средното полициско училиште
Фото: Принтскрин

По речиси три децении пауза, денеска официјално започна со работа Средното полициско училиште „7 Мај“, со што Македонија повторно воспоставува системски модел за средно образование на идните полициски службеници.

На првиот училишен ден, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека повторното отворање на училиштето е значаен чекор во реформата и модернизацијата на полициските служби.

„На 1 септември 2026 година, конечно, по 30 години од последниот упис во рамки на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација идни полициски службеници кои за две години ќе имаат своја професија – полициски службеник во Македонија со завршено Средно полициско училиште“, изјави Тошковски.

Тој им честиташе на новозапишаните ученици и им посака успех во подготовката за, како што нагласи, одговорната и чесна професија.

Според Тошковски, во првиот уписен рок првично биле предвидени 200 места, но поради големиот интерес и потребата од дополнителен полициски кадар, капацитетот бил зголемен за 50 проценти.

„Вкупно 510 кандидати се пријавија на конкурсот. Одлучивме секој кандидат кој ги исполнува основните услови за упис да биде примен, со што ги зголемивме капацитетите за 50 проценти“, рече министерот.

Со одлука на Владата и со поддршка од Министерството за образование и наука, конечната бројка достигна 310 ученици кои од денеска се дел од новата генерација на Средното полициско училиште.

Само 43 кандидати од помалите етнички заедници

Тошковски изрази загриженост поради слабиот интерес за упис од припадниците на помалите етнички заедници.Од вкупно 510 пријавени кандидати, само 43 биле од помалите етнички заедници. Од нив, 31 биле Албанци, а 11 од пријавените албански кандидати биле примени.

„Не е проблемот во приемот, проблемот е во интересот и тоа мора да го решиме во иднина“, нагласи Тошковски, додавајќи дека интересот бил низок и кај кандидатите од ромската, турската и другите заедници.

Министерот демантираше дека непознавањето на македонскиот јазик било причина дел од кандидатите да не бидат примени. Според него, причините биле поврзани со неисполнување на основните критериуми. Како најчести пречки ги посочи поведението и условот за минимална висина.

„Најголемиот проблем беше со поведението,  мора да имаат одлично поведение, не може да имаат недобро поведение или да бегале од часови. Вториот проблем беше критериумот за висина“, објасни Тошковски.

Тој најави дека во идните уписни рокови ќе се разгледува можноста за дополнително прилагодување на формалните критериуми.

„Ни требаат чесни, професионални и едуцирани полицајци“

Министерот порача дека целта на училиштето е да создаде квалитетен и професионален полициски кадар, кој ќе биде подготвен да одговори на безбедносните предизвици.

„Суштината е дали нам ни требаат полициски службеници Албанци, Турци, Роми, Власи? Да, ни требаат. Но пред сè, ни требаат чесни, професионални, посветени и едуцирани луѓе кои си ја сакаат државата“, рече Тошковски.

Тој го опиша Средното полициско училиште како „базен“ за создавање професионален кадар кој во иднина треба да ја пополнува полициската структура.

„Ова Средно полициско училиште треба да биде токму тоа – базен кој ќе треба да го даде максимумот во делот на професионален кадар кој е нужен за Македонија“, посочи министерот.

Тошковски оцени дека вложувањето во подобро образована и подготвена полиција е важно и за европските интеграции и за безбедноста на граѓаните.

„Нашата цел е да имаме подобро едуцирана, подобро образована и поспремна полиција која ќе може да одговори на сите предизвици во интерес на сите граѓани. Само со таков пристап можеме да одиме напред“, заклучи тој.

CATEGORIES
Share This