ПРОНАЈДИ ГО ЗНАМЕТО И ОТКРИЈ ЈА ПРИКАЗНАТА Археолошкиот музеј подготви нешто посебно за 8 септември

35 предмети од различни периоди ќе ги водат посетителите низ илјадници години македонска историја, а влезот во музејот на Денот на независноста ќе биде бесплатен.

ПРОНАЈДИ ГО ЗНАМЕТО И ОТКРИЈ ЈА ПРИКАЗНАТА Археолошкиот музеј подготви нешто посебно за 8 септември
Фото: Принтскрин

По повод 35-годишнината од независноста на Македонија, Националниот археолошки музеј на 8 септември организира посебен музејски настан под наслов „35 години – 35 предмети – 35 приказни“.

Настанот е дел од официјалната програма за одбележување на Денот на независноста, а годинашната јубилејна програма на Владата ја вклучува културата како еден од главните сегменти на одбележувањето. Програмата во музејот започнува во 10 часот, а влезот во текот на целиот ден ќе биде бесплатен за сите посетители.

Концептот на настанот ги поврзува 35 години современа македонска независност со илјадниците години историја зачувани во археолошкото наследство на земјата. Кустосите на Националниот археолошки музеј избраа 35 предмети од постојаната музејска поставка, кои потекнуваат од различни историски периоди и археолошки локалитети. Секој од нив носи своја приказна за времето во кое бил создаден и користен.

На 8 септември постојаната поставка ќе добие и посебен визуелен концепт. Секој од 35-те избрани предмети ќе биде означен со македонското знаме, кое ќе ги насочува посетителите низ музејот. Посетителите сами ќе треба да ги пронајдат означените предмети и да ги откријат нивните приказни од најстарите траги од човековото присуство во палеолитот и неолитот, преку железното време и антиката, до римскиот и доцноантичкиот период, средниот век и поновата историја.

Зад секое знаме се крие различна приказна за луѓето кои ги создавале и користеле предметите, за нивните верувања, знаења и вештини, за трговијата и контактите со далечни краишта, но и за војните, секојдневниот живот, уметноста и идеите што се менувале низ вековите.

По повод јубилејот ќе биде промовиран и специјален каталог „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Во него 35-те избрани предмети се претставени преку текстови подготвени од кустосите и експертите на Националниот археолошки музеј.

Каталогот е замислен не само како придружно издание на настанот, туку и како траен запис за избраните предмети и приказните што тие ги носат.

8 септември 1991 година го означува почетокот на современата независна македонска држава. Археолошкото наследство, пак, нè враќа илјадници години наназад и овозможува да ги запознаеме различните заедници, култури и историски процеси кои оставиле свои траги на просторот на денешна Македонија.

На Денот на независноста, Националниот археолошки музеј ќе понуди можност современата историја да се поврзе со далечното минато – 35 години независност преку 35 предмети и 35 приказни.

CATEGORIES
Share This