ШВЕДСКА НУДИ ДО 55.000 ЕВРА ЗА МИГРАНТИТЕ ДА СИ ЗАМИНАТ Новата мерка предизвика бура

Од 1 јануари износите драстично се зголемени И едно домаќинство може да добие до 600.000 круни ако доброволно ја напушти земјата.

ШВЕДСКА НУДИ ДО 55.000 ЕВРА ЗА МИГРАНТИТЕ ДА СИ ЗАМИНАТ Новата мерка предизвика бура
Фото: Принтскрин

Шведска од годинава воведе значително повисока финансиска помош за одредени мигранти кои доброволно ќе ја напуштат земјата и ќе се вратат во својата матична држава или ќе се преселат во друга земја каде што имаат право на престој.

Од 1 јануари 2026 година, полнолетно лице кое ги исполнува условите може да добие до 350.000 шведски круни, што е околу 32.000 евра.

За брачен или вонбрачен пар максималната помош изнесува 500.000 круни, додека едно домаќинство може да добие до 600.000 круни, односно приближно 55.000 евра.

Дополнително, за секое дете се предвидени уште 25.000 круни, или околу 2.300 евра.

Кој може да ја добие финансиската помош?

Мерката не се однесува на сите странски државјани кои престојуваат во Шведска. Право на финансискиот поттик, под определени услови, имаат лица кои добиле дозвола за престој врз основа на заштита и меѓу нив бегалци и лица со супсидијарна заштита.

Програмата за поддршка на доброволното враќање во Шведска постои уште од 1984 година, но финансискиот поттик досега бил далеку помал. Претходно, возрасно лице можело да добие само 10.000 круни.

Со новите правила, максималниот износ за возрасен е зголемен 35 пати.

Владата: Шанса за нов почеток

Шведската влада мерката ја претставува како можност за лицата кои не успеале да се интегрираат во шведското општество да започнат нов живот во земјата на потекло или во друга држава каде што имаат законско право на престој.

Властите очекуваат значително повисоката финансиска поддршка да го направи доброволното враќање попривлечна опција за дел од мигрантите.

Мерката предизвика и критики

Зголемувањето на сумите привлече големо внимание во Шведска, а властите веќе почнаа да ги разгледуваат и одобруваат првите барања.

Сепак, мерката не помина без критики. Дел од јавноста и политичките актери поставуваат прашања околу нејзината ефикасност, долгорочните ефекти и тоа дали високите финансиски поттикнувања навистина ќе доведат до значително зголемување на доброволните враќања.

Со новите износи, Шведска очигледно сака доброволното враќање да го направи многу попривлечно отколку што било досега и со тоа да испрати силна порака во рамки на својата миграциска политика.

CATEGORIES
Share This