ФАШИСТ ЗА УЛИЦА ВО ТЕТОВО Борците против името на Џафер Сулејмани

Сојузот на борци тврди дека од биографијата на предложениот за име на улица се сокриени клучни детали од периодот на окупацијата и бара предлогот да биде отфрлен.

ФАШИСТ ЗА УЛИЦА ВО ТЕТОВО Борците против името на Џафер Сулејмани
Фото: Принтскрин

Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (НОАВМ) и граѓани продолжувачи од Тетово остро се спротивставува на предлогот една од улиците во градот да го носи името на др. Џафер Сулејмани.

Од Сојузот реагираат на предлогот што се најде на листата од 145 имиња утврдени од Работната група за именување и преименување на улици во Тетово, формирана од Советот на Општина Тетово на седницата од 12 август.

Името на Џафер Сулејмани е наведено под број два на листата, а од Сојузот на борци бараат предлогот да биде повлечен и отфрлен.

Според нив, во образложението за предложеното име се наведува дека Сулејмани бил истакнат лекар, каде се образувал и какви признанија добил од српскиот крал, но се изоставени, како што тврдат, клучни делови од неговата биографија поврзани со периодот на фашистичката окупација во Втората светска војна.

„Кај голем дел од предложените имиња намерно се сокрива суштинскиот дел од нивната биографија. Сметаме дека јавноста мора да биде запознаена дека истиот за време на фашистичката окупација во мај 1941 година од страна на окупаторот бил назначен за градоначалник на Тетовската општина, функција која ја извршувал до средината на 1943 година“, велат од Сојузот.

Оттаму посочуваат и дека во јули 1943 година, додека Тетово било под окупација, Сулејмани го пречекал фашистичкиот генерал и вицекрал Алберто Париани со градски почести. Како поткрепа на своите наводи, тие споделуваат и фотографија од настанот.

Сојузот на борци во реакцијата се повикува и на сведоштва за ликвидации и други злосторства што, според нив, се случувале во периодот кога Сулејмани бил градоначалник.

Како пример го наведуваат случајот со семејството Кузмановски од Тетово, кое, според нивните наводи, било ликвидирано во својата куќа на 7 јуни 1943 година од окупаторска балистичка формација.

Од Сојузот дополнително тврдат дека името на Сулејмани се поврзува и со формирањето на квислиншкиот албански баталјон „Љуботен“, за кој наведуваат дека подоцна се поврзал со балистичките формации и учествувал во борби против македонските антифашистички партизански одреди.

Тие наведуваат и дека по ослободувањето Џафер Сулејмани бил правосилно осуден од надлежен суд за своите престапи.

Од Сојузот сметаат дека евентуалното именување улица по Сулејмани би претставувало „чин против државата“ и „груб обид за рехабилитација на фашизмот“.

„Уште еднаш јавно ги повикуваме членовите на Работната група за преименување на улиците да ја преиспитаат сопствената совест. Не постои ниту еден аргумент кој оди во прилог на нивно останување во составот на нелегитимната Работна група за преименување на имињата на улиците во Тетово“, се наведува во реакцијата.

Од таму упатуваат апел и до членовите на Советот на Општина Тетово да се изјаснат по прашањето и да не молчат за, како што велат, „очигледната штета која се прави“.

Сојузот потсетува и дека до Собранието доставил барање за законски измени со кои би се зајакнала регулативата за спречување на рехабилитација на фашизмот. Од таму ги повикуваат парламентарните партии да постапат по иницијативата.

БОРЦИТЕ СО БАРАЊЕ ДО ПАРТИИТЕ Стоп за улици именувани по фашисти и нацисти

CATEGORIES
Share This