ЛОНДОН ИСПРАТИ ОСТРА ПОРАКА ДО ВАШИНГТОН Фолкландите се и ќе останат наши
Британија категорично го брани својот суверенитет над островите и ја истакнува волјата на локалното население.

Британската влада денеска категорично порача дека Фолкландските Острови се и ќе останат под британски суверенитет, отфрлајќи ги наводите дека САД би можеле да се спротивстават на британската власт над спорната територија.
„Ставот на Обединетото Кралство за Фолкландските Острови е долгогодишен и непоколеблив. Тие се и ќе останат британска прекуокеанска територија, во согласност со јасно изразената волја на нивните жители“, изјави портпарол на британската влада.
Тој нагласи дека жителите на островите во повеќе наврати се изјаснувале дека сакаат да останат британска прекуокеанска територија.
Од британската влада посочуваат дека правото на самоопределување на жителите на Фолкландските Острови е од клучно значење, со што Лондон повторно ја потврди својата позиција во однос на суверенитетот над архипелагот.

