ПОВЛЕЧИ ГО СТАВОТ ИЛИ ПОВЛЕЧИ СЕ Владата со жестока порака до Китановиќ

Директорот на Агенцијата го величаше Ратко Младиќ како дел од „небеската војска“.

ПОВЛЕЧИ ГО СТАВОТ ИЛИ ПОВЛЕЧИ СЕ Владата со жестока порака до Китановиќ
Фото: Далибор Китановиќ одликуван со златен медал од претседателот Александар Вучиќ

Владата се огласи по објавата на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, во која тој го велича осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. За Владата ставот на Китановиќ е негов личен став и дека е неприфатлив, нагласувајќи дека државните политики се темелат на меѓународно утврдените правни факти.

„Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежен меѓународен суд“, соопштија од Владата.

Оттаму додаваат дека волунтеризмот е неприфатлив за носителите на јавни функции и дека од Китановиќ ќе биде побарано да го повлече својот став.

„Доколку Китановиќ не се согласува со политиките на Владата, очекуваме негово повлекување од позицијата која ја извршува“, порачаа од Илинденска.

Китановиќ претходно на својот профил на Инстаграм објави фотокомпозиција креирана со помош на вештачка интелигенција, на која Ратко Младиќ е прикажан заедно со повеќе личности од српската историја.

Меѓу нив е и четничкиот командант Дража Михајловиќ, а над композицијата стои натписот „Генерали на небеската војска“. На тој начин Младиќ е претставен во друштво на личности прикажани како национални херои и митски заштитници на српскиот народ.

CATEGORIES
Share This