УЕФА ПРЕСЕЧЕ Од новата сезона ова играње со рака ќе биде пенал (видео)
Европската фудбалска унија воведува појасни критериуми за судиите, а како пример ја посочи спорната ситуација од четвртфиналето меѓу Барселона и Атлетико Мадрид.

Судијскиот комитет на УЕФА пред почетокот на новата сезона усвои појасни критериуми за оценување на играњето со рака, со цел да се намалат различните толкувања на идентични ситуации во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Лигата на конференциите.
Една од клучните промени се однесува на играњето со рака во шеснаесетникот. Како пример за ситуација која во иднина би била санкционирана, УЕФА ја посочи спорната одлука од четвртфиналето во Лигата на шампионите минатата сезона меѓу Барселона и Атлетико Мадрид.
Во 54. минута од натпреварот, Марк Пубил ја допре топката со рака откако голманот Хуан Мусо ја врати во игра. Романскиот судија Иштван Ковач не досуди пенал, а одлуката не беше променета ниту по проверката од ВАР-собата.
Според новите критериуми на УЕФА, ваквата ситуација во новата сезона би резултирала со удар од белата точка. Новите насоки пред медиумите во Монте Карло ги презентираше Роберто Росети, главниот судија на УЕФА.
„Моравме да го затвориме тоа поглавје“, изјави Росети.
Според новите правила, доколку топката е на земја и во игра, играчот не смее намерно да ја допре со рака, без оглед на тоа дали противнички играч се наоѓа во непосредна близина. Целта на УЕФА е да се намали просторот за различни проценки, особено околу прашањето дали допирањето на топката со рака имало директно влијание врз играта.
„Не сакаме да го напаѓаме духот на играта. Уморни сме од различни толкувања и на овој начин сакаме да ги спречиме. Мораме да бидеме доследни и не е важно дали други играчи се во близина или не“, објасни Росети.
Токму спорната ситуација од натпреварот меѓу Барселона и Атлетико беше една од причините за дополнителните реакции. Барселона поднесе официјална жалба до УЕФА поради судењето, барајќи истрага, увид во комуникацијата меѓу судиите и официјално признавање на евентуалните грешки. УЕФА тогаш не ја прифати жалбата на каталонскиот клуб.
Атлетико Мадрид обезбеди пласман во полуфиналето откако славеше со 2:0 на првиот натпревар, а во реваншот победи со 2:1.
Со новите критериуми УЕФА сака да обезбеди поголема доследност во судењето и да спречи идентични ситуации во иднина да бидат различно санкционирани од натпревар до натпревар.

