ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА Не ги плашете граѓаните со рудниците, слушајте ја науката, еве што ја уништува Македонија
Партијата со честитка по повод Денот на рударите порача дека дебатата за рудниците мора да се води со факти, стручни анализи и контрола од државата, а не со манипулации и ширење страв.

Единствена Македонија им го честита 28 Август – Денот на македонските рудари, на сите рудари, нивните семејства и сите вработени во рударскиот сектор.
Рударството е една од темелните гранки на македонската економија и индустрија, а македонскиот народ има долга и богата рударска традиција. Со векови, а најмалку два века во современите индустриски услови, рударството е дел од економскиот и индустрискиот развој на Македонија. Тоа е факт кој не смее да се игнорира.
Единствена Македонија смета дека граѓаните не смеат да бидат манипулирани, заплашувани и доведувани во неоправдана атмосфера на страв секогаш кога се зборува за отворање или развој на рудници. Рударството само по себе не значи уништување на природата, ниту загрозување на животот и здравјето на луѓето.
Наместо ширење страв и дневнополитички манипулации, за рударските проекти мора да се слушаат науката, стручната јавност и надлежните институции, кои имаат обврска да ги проценат ризиците, безбедноста и влијанието врз животната средина.
Прашањето не треба да биде дали Македонија треба да има рудници, туку под кои услови тие можат безбедно да функционираат, со какви стандарди, со каква технологија и со каква контрола од страна на државата.
Единствена Македонија бара дебатата за рударството да се води со факти, научни анализи, стручни аргументи и јасни критериуми, а не со дневнополитички интереси, манипулации и ширење страв меѓу граѓаните.
Македонија има право да ги користи своите природни ресурси за економски развој, но тоа мора да се прави одговорно, транспарентно и во интерес на македонските граѓани.
И конечно, најважно – Македонија, македонскиот народ и државјаните на Македонија нема да бидат уништени со рудници, Македонија е загрозувана од нешто сосема друго – од грабежот, криминалот, корупцијата и предавствата што се вршат цели 30 години.
На сите македонски рудари им посакуваме здравје, безбедност, достоинствена работа и успех!
Честит 28 Август – Денот на рударите!

