ВО МВР СЕ ДОДАВАЛЕ КАТЕГОРИИ ЗА 1.400 ЕВРА Возачка за камион или автобус без положен испит
Внатрешната контрола истражува сомнежи дека службеници незаконски внесувале Ц и Д категории во системот, а новите дозволи наводно се добивале откако старата била пријавена како изгубена. Случајот е пријавен во Обвинителството.

Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи истражува сомнежи за злоупотреба во управните служби, при што службеници наводно незаконски внесувале Ц и Д категории во возачки дозволи на лица кои немале положено испити за управување со камиони и автобуси.
Според досегашните медиумски информации, за незаконското внесување на категориите биле наплаќани околу 1.400 евра.
Сомнежите се однесуваат на службеници кои биле затекнати при внесување на категориите во системот. Случајот е пријавен до надлежното Основно јавно обвинителство, а по налог на Обвинителството Внатрешната контрола во МВР презема истражни дејствија за расчистување на случајот.
Изгубена возачка, па нов документ со категорија што никогаш не била положена
Според досегашните наводи, постоел начин преку кој лицето најпрво ја пријавувало возачката дозвола како изгубена и барало издавање нов документ. При обработката, во системот наводно му се внесувала Ц или Д категорија, иако лицето никогаш не го положило соодветниот испит. На тој начин, во новата возачка дозвола формално се појавувала повисока категорија, со што лицето можело да стекне право да управува со товарни возила или автобуси без да ги исполни законските услови.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека МВР постапува по конкретни сомнежи за кривично дело и дека информациите се споделени со Јавното обвинителство.
„Секој за кој ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или пак несовесно работел во службата, ќе се постапи согласно закон и ќе биде најстрого санкциониран“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека во овој момент не може да открива повеќе детали бидејќи предметот е во фаза на оперативна обработка.
Се проверува колку службеници и дозволи се опфатени
Внатрешната контрола треба да утврди колку службеници биле вклучени во евентуалната злоупотреба и колку возачки дозволи биле издадени со незаконски внесени категории. Тошковски нагласи дека МВР нема да дозволи злоупотреба на службената положба и најави информирање на јавноста кога тоа ќе го дозволи истрагата.
Министерот беше прашан и дали случајот е поврзан со поранешните злоупотреби во управните служби при издавањето пасоши. Тој не сакаше да навлегува во детали, но оцени дека построги санкции за претходните случаи би можеле да делуваат превентивно. Според Тошковски, и во овој случај станува збор за сериозни сомнежи за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и евентуално фалсификување исправи.
Истрагата продолжува, а конечната одговорност ќе зависи од утврдените факти и доказите што ќе ги обезбедат надлежните институции.

