ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА Што значи празникот и зошто верниците одат во храмовите посветени на Богородица
Еден од најголемите христијански празници се одбележува со празнични литургии низ целата земја.

Во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска се одржуваат празнични богослужби, особено во црквите и манастирите посветени на Пресвета Богородица. Успението на Пресвета Богородица во народот е познато како Голема Богородица. Празникот го одбележува земниот крај на Богородица и нејзиното вознесување на небото, односно предавањето на нејзиниот дух во рацете на Спасителот.
Поради големиот култ што го има Пресвета Богородица меѓу православните верници, празникот традиционално се одбележува со свечени богослужби, народни собири, панаѓури и други обичаи. Во македонската традиција посебно место имаат повеќе празници посветени на Богородица, меѓу кои Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица – Света Пречиста, Свето Благовештение, Покров на Пресвета Богородица и други.
Според народните верувања, Богородица е заштитничка на леунките и им помага на жените при породување. Жените кои немаат деца, исто така, често се молат пред нејзините икони и ги посетуваат храмовите посветени на неа, надевајќи се на нејзината милост и благослов. На Голема Богородица именден празнуваат Марија, Мара, Марена, Марица, Марјан, Маријана и други имиња изведени од името на Пресвета Богородица.
Празникот и денес се одбележува со бројни верски собири, молитви и семејни прослави, продолжувајќи ја долгата традиција на почитување на Пресвета Богородица меѓу македонскиот народ.
Инкау, за граѓаните на Скопје, по повод Успението на Пресвета Богородица, познато како Голема Богородица, еден од дванаесетте големи христијански празници, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка ќе се одржи манастирската слава, а за посетителите е обезбеден дополнителен превоз. Покрај редовната автобуска линија број 60, по потреба ќе сообраќа и дополнителен автобус до Полициската станица Матка. Оттаму, верниците и посетителите ќе бидат превезувани со минибус до најблиската пристапна точка до манастирот.
Од сестринството на манастирот ги повикуваат верниците да се придружат на празничното одбележување.
„Со љубов ве очекуваме да ја споделиме празничната радост, литургиски, со соборна молитва и мир. Нека благословот на Пресвета Богородица биде со сите нас. На многаја лета!“, порачаа од сестринството.

