НОВИ ПРАВИЛА ЗА ЕУ Мицкоски открива што навистина значи изјавата на Марта Кос
Сега за сега нема нови критериуми“, вели премиерот, додека Брисел најавува промени во процесот на проширување.

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека во моментов нема нови критериуми за пристапување на земјите кандидати кон Европската Унија, осврнувајќи се на неодамнешните изјави на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Мицкоски смета дека изјавата на Кос е дадена во поинаков контекст и не се однесува директно на Македонија. Тој посочи дека земјата има целосно усогласена безбедносна и надворешна политика со ЕУ и дека Владата продолжува со спроведување на реформската агенда.
„Нема нови критериуми кога станува збор за пристапување кон ЕУ на земјите кандидати, сега за сега. Ќе видиме што ќе се случува понатаму. Има неколку предизвици коишто се пред нас, не само како држава, туку и на самата Европска Унија“, изјави Мицкоски по потпишувањето на Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија–Србија.
Премиерот додаде дека Владата ќе продолжи да ги исполнува обврските што произлегуваат од реформската агенда, независно од билатералните услови.
„Тоа што е наша обврска надвор од билатералните услови, ние ќе си го испорачаме и ќе бидеме најдобри. И сме најдобри“, рече Мицкоски.
Тој посочува дека очекува земјата да има позитивен резултат и во следниот извештај на Европската комисија.
Во меѓувреме, еврокомесарката Марта Кос на 25 август во Загреб го претстави предлогот на Европската комисија за реформа на процесот на проширување. Таа најави постепена интеграција, построга проверка на кандидатите и нова методологија, образложувајќи дека променетите геополитички околности бараат промени и во самиот процес на проширување.
Кос порача дека проширувањето не треба да значи само поголема, туку и посилна Европска Унија. Според неа, целта е да се создаде Европа што ќе може поуспешно да ги заштитува своите интереси во услови на сè поголема конкуренција од глобалните сили.
Таа нагласи дека во ЕУ треба да бидат вклучени земјите кандидатки што ги исполнуваат своите обврски, оценувајќи го проширувањето како геополитички стабилизатор на Европа. Кос исто така очекува 2026 година да биде рекордна во однос на напредокот на процесот на проширување.

